Ан Линде: Северна Македонија да се задржи на интензивните реформи

5

Денес, во посета на земјава престојуваше министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, во чии рамки оствари средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Акцент на средбата беше ставен на потребата од јасен и недвосмислен одговор на европските аспирации и перспективите на Република Северна Македонија, особено по одлуката на октомврискиот европски совет. Министерот Димитров информира за досегашните постигнувања и резултати во клучните реформски области нагласувајќи дека Северна Македонија ги поздравува идеите за поголема критичка опсервација и посилна контрола на ЕУ-пристапниот процес, но без промена на крајната цел: полноправно ЕУ-членство. Во таа смисла искажа благодарност до Шведска, која со континуираната поддршка потврдува дека е конзистентен промотор на процесите на суштинска демократизација во нашата држава и на регионот во целина.

За време на разговорот помеѓу двајцата министри стана збор и за регионалната динамика и други актуелни меѓународни прашања, како и за севкупните билатерални односи и соработката меѓу Северна Македонија и Шведска.

Од страна на гостинката беше нагласена позитивната динамика во политичкиот дијалог меѓу двете земји, при што и нејзината денешна посета на земјата претставува реафирмација на шведскиот став за силна поддршка на нашиот европски пат. Таа исто така искажа подготвеност за билатерална соработка и во други области од важност за нашата држава и од заемен интерес.

Во рамките на посетата министерката Линде беше примена и од претседателот Стево Пендаровски, а ќе се сретне и со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.