Дукоски со кривична пријава против затворскиот лекар на Боки13

8

Адвокатот Сашко Дукоски, бранител на обвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски изјави дека неговиот клиент, има неколку сериозни болести. Тој бара Јовановски да биде хоспитализиран и да биде лекуван.

Околу триесет пати обвинетиот Бојан Јовановски во случајот „Рекет“ бил хоспитализиран поради проблеми со желудникот, а левиот бубрег не му е функционален, при што вината за непреземањето мерки за неговата здравствена состојба, неговиот адвокат Сашко Дукоски ја лоцира пред се кај затворскиот лекар и кај обвинителството. Според него, станува збор за животно загрижувачка состојба и Јовановски три недели чекал да прими терапија со антибиотици, имал проблеми со термините за преглед, а во еден случај немало ни место за тој да биде хоспитализиран.

„Се работи за едно алиби постапување од здравствените власти каде што никој не сака да преземе одговорност да го хоспитализира ова лице кое што не е способно да функционира самостојно. За сето ова што го зборувам имам медицинска документација. Не зборувам напамет или е некаков си мој обид за да ја олеснам неговата притворска положба. Ни од далеку“, рече Дуковски.

Дукоски наведе и дека ќе биде поднесена кривична пријава за неколку кривични дела против затворскиот лекар, а притоа го пофали директорот и останатите вработени во истражниот затвор Скопје. Тој порача и дека обвинителката Вилма Русковска која го води случајот станала свесна за ситуацијата на Јовановски кога тој требаше да дава исказ.

„Судот е апсолутно професионален и апсолутно постапува многу професионално и брзо по секое барање за вршење на лекарски преглед. Но, тоа не можам да го кажам за обвинителството и нема да го кажам затоа што не е така“, смета Дукоски.

Тој додаде дека бараат Јовановски да ја добие здравствената заштита која му следува и притоа обвинетиот бил постојано омаловажуван во врска со неговата сексуална определба.

„Не бараме милост во ни еден момент, но тој е граѓанин како и сите други и заслужува најмалку еднаква нега“, истакна тој.

Дукоски порача и дека немаат намера да вршат опструкции во судскиот процес. Според него, тие не може ни да ја подготват одбраната за случајот, бидејќи на секоја средба разговараат само за здравствената состојба на обвинетиот.