Само 3% од младите се целосно задоволни со своето место во општеството

9

Шест од 10 млади лица во земјава веруваат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа како работат властите, а 85% од младите се изјасниле дека никогаш не биле консултирани од властите, ниту на локално ниту на централно ниво.

Една третина од младите во Северна Македонија веруваат дека земјата ќе биде подобро место за живеење за младите за 5 години од сега. 60% од младите веруваат дека Северна Македонија ќе стане земја членка на Европската унија, додека 70% од нив веруваат дека тоа ќе се случи во следните 5 години. Младите кои веруваат во европската перспектива на земјата се помалку расположени да си заминат од земјата. Младите кои се граѓански ангажирани се позадоволни со своето место во општеството од своите врсници.

Ова се дел од податоците кои беа презентирани на денешната конференција организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Младински образовен форум (МОФ), во Холидеј ин.

„Податоците покажуваат дека само 3% од младите се задоволни со своето место во општеството. Оваа слика мора да се промени, затоа што е важно да имаме силни, здрави и ангажирани млади. Поради ова ја го поддржуваме проектот на ВФД и нивната работа за зголемување на нивото на младинско политичко и институционално учество. Ова е еден од клучните елементи за зголемување на младинската вклученост и ангажираност во општеството, рече амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј.

Дамир Незири претставник на Фондацијата за демократија на Вестминстер рече дека “Истражувањето носи наслов: „Апатија, оптимизам или разочараност? – три зборови што совршено ги сублимираат ставовите на младите во однос на нивното место во општеството.

„Тие не се информираат за општествено политичките случувања, но скоро секогаш гласаат на избори; сметат дека не се доволно консултирани и вклучени во процесите на одлучување, но сепак голем дел од нив веруваат дека во иднина ќе биде подобро, особено ако државата стане дел од Европската унија”, порача Незири.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми на конференцијата рече дека ја поддржува иницијативата за спроведување на истражувањето, чии резултати се важни за институциите бидејќи тие се индикатор за задоволството и незадоволството на младите за нивното учество и вклученост во општеството.

„Преку ова истражување се иницираат нови идеи и можности за соработка. Неколку од заклучоците кои на нас ни беа презентирани претходно, се вклучени во новите закони во образованието преку кои се овозможува поголема вклученост на учениците во процесот на одлучување за програмите во нивните училишта”, рече Адеми.

Податоците од истражувањето не се изненадувачки ако се има предвид дека 85% од младите се изјасниле дека никогаш не биле консултирани од властите, ниту на локално ниту на централно ниво, беше кажано на конференцијата.

Со оваа студија, целта е да се дадат повеќе информации за перцепциите на младите и политиките и пристапите кои треба да се преземат за да се подобри нивната позиција во општеството. Младите треба да бидат високо на листата на приоритети на националните и локалните власти, образовните институции, граѓанските организации и медиумите за се поддржи нивното активно учество, порачаа организаторите.