И покрај коронавирусот, Евровизија сепак ќе се одржи

30

Холандскиот јавен сервис годинава ќе организира специјална програма наместо класичен натпревар, така што 41 земја сепак ќе се претстават.

Наместо Евровизијата во Ротердам, која е откажана поради коронавирусот, љубителите на ова натпреварување ќе гледаат алтернативно телевизиско шоу. Тоа значи дека сите изведувачи ќе ѝ се претстават на публиката во Европа.

Европската радиодифузна унија, во соработка со холандскиот јавен сервис, кој требаше да го организира годинешниот натпревар за Песна на Евровизија, потврди дека се подготвува нова програма што ќе се емитува на 16 мај наместо откажаното финале на Евровизија.

Специјалната програма наречена Eurovision: Europe Shine A Light ќе собере 41 учесник, како и стари изведувачи, кои ќе изведуваат хитови на Евровизија на препознатливи места од цела Европа.

„Ќе се обидеме да ја обединиме Европа на 16 мај со единствена телевизиска програма. Ги покануваме сите радиодифузери, кои сакаа да испратат претставници на годинашната Евровизија, и другите членови на ЕБУ, да ја емитуваат оваа емисија во духот на единството и заедницата“, рече извршниот супервизор на Евросонг, Јон Ола Санд.