СЗО предупредува: Коронавирусот можеби никогаш нема да исчезне…

Светската здравствена организација предупреди дека коронавирусот кој оваа година се прошири насекаде низ светот можеби никогаш нема да исчезне, пренесува британски „БиБиСи“.

3

Првиот човек на дирекцијата за итни ситуации при Светската здравствена организација, Мајк Рајан предупреди дека прогнозите за исчезнувањето на вирусот се „неблагодарни“ и истакна дека е неопходен „масивен напор“ дури и доколку биде пронајдена вакцина.

Како последица на Ковид-19 ширум светот досега животот го загубија речиси 300 илјади луѓе, а досега се потврдени вкупно 4,3 милиони заразени.

СЗО меѓу другото упати апел до владите ширум светот да водат сметка во врска со менталното здравје на граѓаните кое пандемијата масовно го загрози со оглед на тоа што кризата со коронавирусот драстично го промени нашиот начин на живот.

„Овој вирус можеби никогаш нема да исчезне, но ниту пак ХИВ вирусот нема исчезнато, па сепак успеавме да го ставиме под контрола“, изјави доктор Рајан на прес-конференцијата одржана во Женева, Швајцарија.

Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејсус предупреди дека засега не постои „проверен пат“ за ублажување на рестриктивните мерки без ризик за избивање на втор бран на пандемијата.

„Многу земји сакаат што е можно поскоро да ги укинат вонредните мерки и да го вратат животот во нормален тек, но нашата препорака е состојбата на аларм да се задржи во сите земји на светот на највисоко можно ниво“, порача првиот човек на СЗО.