Твитер им порача на своите вработени дека можат засекогаш да работат од дома

Компанијата Твитер им порача на своите вработени дека можат „засекогаш“ да работат од дома, дури и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот.

7

Твитер одлуката ја објави отакко претходно на социјалните мрежи соопшти дека мерките за работа од дома поради пандемијата дале добри резултати. Но, компанијата додаде дека на сите работници кои тоа го сакаат по ублажувањето на мерките ќе им овозможи и работа од канцеларија.

Гугл и Фејсбук на почетокот на овој месец соопштија дека нивните вработени можат да работат од дома до крајот на годината, пренесува Би-би-си.

„Во изминатите неколку месеци докажавме дека можеме да функционираме на овој начин. Нзачи, ако на нашите вработени повеќе им одговара работата од дома, ние тоа ќе им го овозможиме“, порача компанијата.

Твитер, чие седиште е во Сан Француско, вработува повеќе од 4.000 луѓе. Вработените уште од март работат од дома, а канцелариите нема да се отворат пред септември.

Новинарот Сри Сринивасан од Универзитетот Стони Брук кажа дека тоа е „вест која дефинира една ера“.

„Некои луѓе ова нема да го сфатат сериозно бидејќи станува збор за Твитер, но Силициумската долина може многу да нѐ научи за флексибилноста на работното место. Постои став дека работењето од дома е избегнување на работата и дека времето минато во канцеларија е многу поважно. Но, луѓето докажуваат дека можат да бидат многу попродуктивни работејќи од дома. Многумина ми кажаа дека многу повеќе завршуваат кога работат од дома и дека се поизморени“, додаде тој.