Филипче: Можно е тестирања за коронавирус при патување

На состанок во Атина на кој ќе присуствува министерот за здравство Венко Филипче, денеска регионално ќе се договара кога и како ќе се отвораат границите и како ќе се регулира аеродромскиот сообраќај. Дел од соседните земји најавија отворање на границите и затоа е важно да се има координиран пристап за транзитот на патниците, здравствените протоколи за побрзо и побезбедно патување летово, истакна Филипче на денешната прес конференција најавувајќи дека наскоро Македонија повторно ќе го отвори транзитниот коридор север југ кој во летните месеци е оптоварен.

10

Состанокот се одржува по олабавувањето на мерките во регионот и во пресрет на претстојната туристичка сезона.

Во однос на авионските патувања, македонски граѓани во странство веќе имаат купени авио билети кои не знаат дали ќе можат да ги искористат, а дилема е и дали ќе треба да се тестираат за коронавирус пред патување, колку време пред патувањето ќе треба да го сторат тоа, како и самиот протокол на движење на аеродромите.

Филипче рече дека сите дилеми се легитимни, со оглед на тоа што авиотранспортот веројатно нема да функционира на досегашниот начин, чекирањето и безбедносните процедури ќе бидат поспори поради сите заштитни мерки за спречување на ширење на вирусот.
Сето тоа ќе зависи од политиката на авиокомпаниите и од тоа како ќе се организираат државите со аеродромите. Според сегашните најави, многу тешко авиосообраќајот ќе се врати онаков каков што беше. Нема за кратко време да има пристап до аеродромите и поминување на безбедносните процедури. Сега најавите се дека тоа ќе трае подолго време. Целта на состанокот во Атина е ова, но уште поважно, сувоземниот сообраќај со оглед на големиот број на граѓани што патуваат и транзитираат и се задржуваат во нашата земја во одредени места или пак поминуваат неколку денови, рече Филипче.

Тој додаде дека со грчкиот министер за здравство ќе имаат повеќе отворени прашања за дискусија.

Кои ќе бидат иницијалните ставови? Сега во предвид доаѓа тестирање во важност неколку денови меѓутоа тоа не е гаранција. Може да е некаква сигурност. Се поставува прашањето кои резултати, какви резултати, кои тестови и колку време треба да важат и што ако околните земји имаат друга политика. Верувам дека ќе биде добра координативна средба, за чии заклучоци ќе информирам веднаш по завршувањето, посочи Филипче.