Кој ќе може да конкурира за младински ваучери од 3.000, 6.000 и 30.000 денари?

Донесени се трите уредби од Владата за помош на средношколци, студенти и младинци до 29 години. Условите за добивање на ваучерите од 3.000, 6.000 и 30.000 денари денеска ги претставија министрите за образование и наука и за информатичко општество и администрација, Арбер Адеми и Дамјан Манчевски.

821

Првата уредба е за средношколци чии семејства имаат ниски приходи, односно семејните примања да не се повисоки од просечната плата за март оваа година, според податоците на Државниот завод за статистика. Тие ќе добијат помош од 3.000 за купување училиштен прибор – тетратки, моливи, боици, фломастери, опрема за физичко и сл. Секој редовен ученик треба да има наполнето 16 години на денот на стапување на уредбата во сила. Ваучерите ќе може да се искористат исклучиво за намената и тоа за купување производи од македонски производители.

Втората уредба е за студенти и ваучери од 6.000 денари наменети за партиципација или плаќање трошоци за сместување во студентски домови или во приватни капацитети, но за тоа ќе мора да имаат склучен нотарски договор со сопственикот, и договорот да биде пријавен во Управата за јавни приходи. И овие ваучери може да ги добијат студентите чии семејства имаат ниски приходи – не повеќе од просечната плата во март.

Третата уредба е за ваучерите од 30.000 денари за луѓе до 29 години, кои може да ги искористат за подобрување на нивните дигитални вештини и да станат поконкурентни на пазарот на трудот. Прво преку uslugi.gov.mk ќе се избираат фирми кои ќе дадат понуди и програми за учење кои треба да бидат разновидни – од основни до најнапредни нивоа. Потоа Дигитален форум составен од универзитетски професори, владини преставници, стопански комори, ќе направи селекција на фирмите и програмите што ќе се нудат. Форумот треба да биде регулаторно тело за фер и транспарентна постапка. Потоа ќе може да се пријавуваат заинтересираните до 29 години кои имаат завршено најмалку средно образование.