Како точно може да фатите ковид-19

Шест месеци по почетокот на кризата со коронавирусот, сè поголем е консензусот за централното прашање: како се заразуваат луѓето?

476

Не е вообичаено да фатите ковид-19 од загадена површина, велат научниците. И кратките средби со луѓе на отворено веројатно нема да го шират коронавирусот.

Наместо тоа, најголем виновник е блискиот контакт меѓу луѓето во текот на подолги периоди. Масовните настани, слабо проветрените зони и местата каде што луѓето зборуваат гласно – или пеат, во еден познат случај – го зголемуваат ризикот.

Овие нови откритија им помагаат на компаниите и на владите да подготват стратегии за повторно отворање, за заштита на јавното здравје додека компаниите повторно почнуваат да работат. Тоа се тактики како поставување прегради од плексиглас, барање од луѓето да носат маски во продавниците и на другите места, да користат добри системи за вентилација и кога е можно, да ги држат прозорците отворени.

Две големи понови истражувања покажаа дека масовните карантини – наредбите да се седи дома, забраните за големи собири и затворањето на компаниите – спречија милиони инфекции и смртни случаи низ светот. Сега, кога имаме повеќе податоци, градовите и државите можат да воведат конкретни мерки за да спречат вирусот повторно да букне, велат научниците и експертите за јавно здравје.

Тоа значи подобра заштита за жителите на старечките домови и за семејствата во кои повеќе генерации живеат заедно во преполни живеалишта, велат тие. Тоа исто така значи и акцент на физичкото растојание и на маските и намалување на бројот на собири на затворени места.

„Не треба да размислуваме за карантин, туку за начини да го зголемиме физичкото растојание“, рече Том Фридрен, главен извршен директор на „Резолуција за спас на животи“, непрофитна јавноздравствена иницијатива. „Може да се дозволат активности надвор, да се дозволи пешачење или возење велосипед до работа додека сте на физичка далечина од сите луѓе, достава од продавници и други иновативни методи што можат да го олеснат продолжувањето на економската активност без повторно да се разгори епидемија“.

Препораките на групата за повторно отворање вклучуваат масовно тестирање, следење на контактите и изолација на заразените или изложените лица.

Рецепт за инфекција

Заразувањето со вирусот ковид-19 вклучува три чекори:

1. Кашлањето, зборувањето и дишењето создаваат капки со различна големина, кои го носат вирусот.

2. За да предизвика инфекција, до вас треба да стигне доволно количество вирус или со тек на време да се наталожи околу вас.

3. Вирусот треба да се пробие во респираторниот тракт и да ги искористи рецепторите АЦЕ-2 за да влезе во клетките и да се размножи.

Еден важен фактор во преносот е тоа што навидум безопасните активности како зборувањето и дишењето создаваат респираторни парченца со различна големина што може да распрснат низ воздушните струи и потенцијално да ги заразат луѓето што се во близина.

Здравствените агенции досега како главен начин на пренесување ковид-19 го идентификуваа контактот со респираторни капки. Овие големи капки течност може да го пренесат вирусот од едно на друго лице ако се спуштат на очите, носот или устата. Но тие прилично брзо може да паднат на земја или на други површини.

Некои истражувачи велат дека новиот коронавирус може да се пренесе и преку аеросоли, или ситни капки што подолго лебдат во воздухот од големите капки. Овие аеросоли може директно да се вдишат.

Тоа е она што можеби се случило во ресторан во Гуангжу, Кина, каде што еден заразен гостин, кој сè уште не бил болен, им го пренел вирусот на петмина други што седеле на соседните маси. Вентилацијата во просторот била слаба, при што системот за издувни гасови бил исклучен, вели една студија во која се разгледувале условите во ресторанот.

Аеросолизираниот вирус од дишењето или зборувањето на пациентот со текот на времето може да се наталожи во воздухот, а силниот протек на воздухот од клима-уредот на ѕидот можеби помогнал честичките да почнат да кружат во воздухот, велат авторите на студијата, која сè уште не е рецензирана.

Соодветната вентилација на местата што луѓето ги посетуваат и во кои работат е многу важна, рече Југуо Ли, еден од авторите и професор по инженерство на Универзитетот во Хонг Конг. Правилната вентилација – како на пример насочување на воздухот кон таванот и негово испумпување нанадвор, или внесувањето свеж воздух во просторијата – го разредува количеството на вирусот во просторот, намалувајќи го ризикот од инфекција.

Друг фактор е долгата изложеност. Тоа генерално е дефинирано како незаштитен контакт со некого подолго од 15 минути на помалку од 1,8 метри, рече Џон Брукс, главен медицински службеник на Центарот за контрола и превенција на болести за активности против ковид-19. Но тоа е само општо правило, предупредува тој. Може да треба многу помалку време ако лицето кива или ако постои друг интимен контакт при кој се испуштаат многу респираторни капки, рече тој.

Суперпреносители

На 10 март на проба на црковен хор во државата Вашингтон, 87% од присутните беа заразени, рече Леа Хамнер, епидемиолог во одделот за јавно здравје на округот Скагит и главен автор на студијата за една истрага што предупреди за потенцијалот на настаните со „суперпреносител“, во кои еден човек или мал број луѓе заразуваат многу други.

Во текот на двочасовната проба членовите на хорот четири пати ги смениле местата, биле густо набиени во затворен простор и биле претежно постари, па со тоа и поранливи на болести, вели таа. Севкупно, 53 од 61 учесник на пробата беа заразени, вклучувајќи најмалку едно лице што имало симптоми. Двајца починаа.

Неколку фактори придонеле, вели Хамнер. Кога пеат, луѓето можат да испуштаат голем број големи и мали респираторни честички. Освен тоа, пејачите дишат длабоко, што ја зголемува можноста да вдишат инфективни честички.

Слична динамика на пренос може да има и во други услови каде што се вообичаени силното дишење и гласното зборување во текот на подолг период, како спортски сали, музички или театарски претстави, конференции, свадби и роденденски забави. Од 61 кластер на случаи во Јапонија помеѓу 15 јануари и 4 април, во голем број од нив имаше длабоко дишење на мала дистанца, како што се караоке-забави, навивање во клубови, муабетење во барови и вежбање во спортски сали, вели една понова студија во списанието Емерџинг инфекшс дизис.

Таканаречената стапка на напад (процентот на луѓе што биле заразени на одредено место или време) може да биде многу висока на масовни настани, во домовите и на други места каде што има многу луѓе во близок, долготраен контакт.

Околу 10% од луѓето со ковид-19 се одговорни за околу 80% од преносите, вели една студија објавена неодамна во Велкам опен рисрч. Некои луѓе заразени со вирусот може да имаат повисок вирален полнеж, или да произведуваат повеќе капки кога дишат или зборуваат, или да се наоѓаат во затворен простор со многу луѓе и лоша вентилација кога се во најинфективната точка од својата болест, вели Џејми Лојд-Смит, професор на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, кој предава екологија на заразни болести.

Но во целина, „ризикот одредено заразено лице да им пренесува на другите луѓе е прилично мал“, вели Скот Дауел, заменик директор што ги надгледува активностите за ковид-19 на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. „На секој настан со суперпреносител, многу често се случува никој да не се зарази“.

Стапката на напад на ковид-19 во домаќинствата се движи помеѓу 4,6% и 19,3%, според неколку студии. Таа е повисока кај сопружниците (27,8%) отколку кај другите членови на домаќинството (17,3%), според една студија во Кина.

Росана Дијаз живее во трособен стан во Њујорк со пет други члена на семејството. 37-годишната мајка на 18 април била хоспитализирана со мозочен удар, кој лекарите го припишале на ковид-19, а сè уште кашлала кога два дена подоцна отишла дома.

Барала побрзо да се врати дома, вели таа, затоа што нејзиниот 4-годишен син има аутизам и му е потребна. Се држела на растојание од членовите на семејството, ја покривала устата кога кашлала и често ги миела рацете. Никој друг во станот не се разболе, рече таа. „Никој не ми се ни приближи кога бев болна“, рече таа.

Да се престојува надвор генерално е побезбедно, велат експертите, бидејќи вирусните честички побрзо се разредуваат. Но малите и големите капки претставуваат ризик дури и на отворено, кога луѓето се во близок долготраен контакт, вели Линзи Мар, професорка по инженерство на животната средина во Вирџинија тек, која го проучува пренесувањето на вирусите низ воздухот.

Никој не знае со сигурност колкаво количество вирус е потребно за некој да се зарази, но неодамнешните студии даваат некои опции. Во една мала студија објавена неодамна во списанието Нејчр истражувачите не успеале да развијат жив коронавирус доколку стапчето од грлото на пациентот или 1 милилитар шлајм содржеле помалку од еден милион примероци на вирусна РНК.

„Врз основа на нашиот експеримент, претпоставував дека за заразност е потребно нешто повеќе од тој број“, вели Клеменс Вендтнер, еден од водечките автори на студијата и раководител на одделот за заразни болести и тропска медицина во Минхен клиник Швабинг, образовна болница на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ од Минхен.

Тој и неговите колеги пронајдоа примероци од заразни пациенти со вирусни нивоа до 1.000 пати повеќе од тоа, што може да помогне да се објасни зошто вирусот е толку заразен во конкретни услови: може да е доволно многу пониско ниво на вирусот од тоа што го има кај болен пациент за да се зарази некој друг.

Промени на правилата

Врз основа на ваквата нова слика на заразата, некои правила се менуваат. Стандардната процедура за некој што е тестиран позитивно е да се стави дома во карантин. Некои градови даваат бесплатни привремени станови и социјални услуги каде што лицата што се заразени може да останат на доброволна основа, за да не им го пренесат вирусот на членовите на семејството.

ЦДЦ неодамна ги повика Американците да продолжат да носат маски и да одржуваат оддалеченост од другите додека државите ги опуштаат строгите мерки. „Колку поблиску комуницирате со други, колку подолго трае контактот, колку е поголем бројот на луѓето што се вклучени во контактот, толку е поголем ризикот да се рашири ковид-19“, вели Џеј Батлер, менаџер за инциденти во активностите на ЦДЦ против коронавирусот.

Ако бројот на случаите на ковид-19 почне драматично да расте додека државите повторно се отвораат, „можеби ќе бидат потребни нови посеопфатни мерки за ублажување, како тие што беа спроведени во март“, одлука што ќе се донесе локално, рече тој.

Упатствата за ЦДЦ за работодавците чии работници се враќаат содржат носење маски, ограничување на употребата на јавниот превоз и на лифтовите заради намалување на изложеноста, како и забрана за прегрнување, ракување и поздрав со стиснати тупаници. Агенцијата, исто така, предложи заедничките оброци, ладилници за вода и кафемати да се заменат со претходно пакувани оброци за една употреба и да се кренат пластични прегради помеѓу бироата што се поблиску од 2 метри.

Во сегашните упатства за ЦДЦ за работното место нема ништо за ширењето на аеросолите, или ситните честички, во една просторија, вели Лиза Бросо, консултантка за респираторна заштита на Центарот за истражување и политика на инфективни болести при Универзитетот во Минесота.

„Аеросолниот пренос е ужасна работа“, рече таа. „Ова е изложеност што тешко се контролира и е невидлива“. Важно е заразените лица да седат дома, вели таа, но тоа може да биде тешко поради ограничувањата на тестирањето. Значи, може да бидат неопходни дополнителни протоколи за прекинување на ширењето, како социјално растојание на работните места и обезбедување Н95-респиратори или друга лична заштитна опрема, вели таа.

Некои научници велат дека иако аеросолниот пренос реално се случува, тој не ги објаснува повеќето инфекции. Покрај тоа, се чини дека вирусот не се шири обилно низ воздухот.

„Ако ова се пренесуваше како сипаниците или туберкулозата, каде што заразниот вирус подолго време останува во воздухот, или се шири низ големи воздушни простори или преку системите за вентилирање на воздухот, мислам дека ќе имавме многу повеќе заразени луѓе“, вели д-р Брукс од ЦДЦ.

Редовното земање примероци од воздух во области со голем сообраќај може да им помогне на работодавците да откријат кој треба да се тестира, рече Доналд Милтон, професор по животна средина и професионално здравје на Школата за јавно здравје на Универзитетот во Мериленд.

„Да речеме дека го откривате вирусот во мензата за време на ручек во понеделник“, рече тој. „Потоа може да им се обратите на луѓето што биле таму во тоа време и да им кажете дека треба да бидат тестирани“.

Извор: Вол стрит џурнал