Муцунски му одговори на Митко Јанчев за „преземањето“ на ВМРО-ДПМНЕ

1

Откако кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев во интервју за Фокус изјави дека ја презема ВМРО-ДПМНЕ, на ова одговори Тимчо Муцунски кој доби пратеничко место во Собранието.

Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија, а не акционерско друштво за да се преземе.

„За мене терминологијата е многу значајна. ’Преземање‘ се прави на корпоративен ентитет. Постојат повеќе видови на преземања коишто ги познава современото корпоративно управување. За разлика од корпоративниот свет, во науката за политиката и политичката пракса статусот/функцијата во демократските земји се здобива преку демократски методи. ’Демократија‘ и ’преземање‘ се веројатно два најдалечни поими во еден современ политички систем. Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво, туку политичка партија. Оттука, легитимитетот го дава и го одзема највредниот дел од партијата – членовите“, напиша Муцунски на Фејсбук.

Јанчев рече дека лидерот Христијан Мицкоски го гледал како конкуренција.

Кога ќе го преземам ВМРО-ДПМНЕ, партијата ќе се движи во поинаков правец што ќе значи европеизација, демократизација, економија и просперитет за секој граѓанин, изјави Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, во интервју за „Фокус“.