ЕУ со 5 болнички кревети на 1.000 жители, Македонија со 4,2

1

На ниво на Европската Унија (ЕУ) во просек има пет болнички кревети на 1.000 жители. Со најмногу кревети располагаат Германија и во Бугарија (повеќе од седум), а најмалку во Шведска и во Данска (под 2,5) на 1.000 жители.

Македонија е некаде во средина во оваа статистичка категорија со 4,2 болнички кревети на 1.000 жители. Од земјите во регионот, Србија има просек од 5,6 болнички кревети на 1.000 жители, Црна Гора – 3,9 и Албанија – 2,8. Ова се податоци од 2018 година, последната за која има податоци.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во периодот од 2008 година до 2018 година, во нашата земја се бележи раст на бројот на лекари, но пад на бројот на болнички постели на 1.000 жители.

Бројот на лекари во 2018 година изнесувал 6.364 од кои 3.831 специјалист или во просек по 3,1 лекари на 1.000 жители, што е раст во однос на 2008 година во која имало 2,6. Македонија, според податоците на намалување на бројот на болнички постели во споредба од пред десет години, во 2008 година имала просек од 4,5 кревети на 1.000 жители во 2008 година, а во 2018 година – 4,2, покажуваат податоците на ДЗС.

На ниво на ЕУ, просекот на болнички кревети изнесува пет на 1.000 жители, покажуваат податоците на Евростат за 2018 година. Над 7 болнички кревети во ЕУ во 2018 година имале Бугарија – 7,5, Австрија – 7,2 и Унгарија – 7, додека Германија е рекордер со 8 болнички кревети на 1.000 жители. На другиот крај од скалата се Данска со просек од 2,4 кревети, Италија со 3,1 и Грција со 4,1 болнички кревети на 1.000 жители.

Најмногу, пак, доктори на 1.000 жители на ниво на ЕУ има Грција – 6, а по неа следуваат Австрија со 5,2 и Норвешка со 4,8, покажуваат податоците на Евростат за 2018 година. Германија има 4,3, додека Шпанија – 4 и Италија – 3,9. Во долниот дел на листата се Велика Британија со 2,8, Романија со 3 и Франција со 3,1 доктор на 1.000 жители во 2018 година.

Во регионот со најмногу доктори, по Грција следува Бугарија со 4,2, Хрватска со 3,4, Словенија со 3,1, Србија со 2,9 и Црна Гора со 2,8 доктори на 1.000 жители. За Косово нема податоци, додека Албанија има 1,2 во 2013 година за која последна има податоци во оваа статистичка категорија.