ЗАЕВ: Владата ќе поддржи формирање на анкетни комисии за одредени судски случаи

ИНТЕРВЈУ СО ПРЕМИЕРОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

111

Владата, како и во претходниот мандат, ќе поддржи формирање на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои создаваа меѓуетничка недоверба и тензии, ова го изјави во ексклузивно интервју за весникот КОХА, Премиерот Зоран Заев. Во интервјуто тој зборува и за реформите во безбедносните служби, судството, и за владините мерки за справување со здравствента и економскта криза од Ковид-19… Меѓу другото тој негира дека има концептуални разлики со ДУИ, бидејќи, како што вели премиерот заедно ја подготвиле владината Програма

Дестан ЈОНУЗИ

КОХА: Г-дине Заев, веќе од почеток на мандатот се видливи некои концептуални разлики меѓу вас и вашиот коалиционен партнер ДУИ. Пример за тоа е фискалната децентрализација и предлогот на ДУИ за државно стимулирање на приватните фирми кои ќе вработат лица од албанска или други етнички групи. Како ќе ги решите овие разлики?

ЗОРАН ЗАЕВ: Во програмата напишано е дека Владата ќе ги поттикнува афирмативните мерки за категории на граѓани со различности во нашата економија, но тоа не отстапува од нашиот принцип за поддршката за нови вработувања и креирање нови работи места од економската програма на Владата како еднаква за сите. Секоја компанија, во зависност за тоа за која мерка аплицира, ќе ја добие оваа поддршка и таа е во нашите приоритети. Таквата поддршка не прави разлика за етничката припадност ниту на сопствениците не компаниите, ниту за кандидатите за вработување. Тоа не е ниту во согласност со Уставот каде што е определено дека правото на работа и пристапот до работните места е еднаков за секој граѓанин на нашата земја. Од друга страна, како Влада која се грижи за еднаков и рамномерен развој на сите региони, под афирмативни мерки можеме да договориме програми за поддршка на вработувањето за региони или градови каде што статистиката вели дека поголем број невработени во однос на другите региони. Овој социјален аспект во политиките на вработувањето сме подготвени да го поддржиме. Но, и таквата поддршка не препознава вработувања по етнички клуч.

Се залагам за конкурентна економија, а во конкурентната економија нема место освен за компетентноста и професионалноста на луѓето.
Со ДУИ во Владината коалиција е постигнат договор за спроведување на програмата на Владата во целост. Коалицијата со ДУИ и со ДПА се обедини околу заедничкиот страв дека ни се потребни ефикасни, силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците од коронавирусот, и за справување со идните предизвици од пандемијата. Ги усогласивме нашите програмски определби во Програма за работа на Владата за периодот 2020-2024 година. Заеднички ги споделуваме нашата силна определба и политичка волја за континуитет во спроведувањето на заеднички прифатените стратешки приоритети на нашата земја: Нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование, внатрешна кохезија, успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19, активно членство во НАТО, силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската унија, и добри меѓуетнички и меѓусоседски односи. Овие приоритети се наша водилка во следните 4 години.

КОХА: Наскоро Македонија ја очекува првата меѓувладина седница со ЕУ, што го означува и почетокот на отворањето на поглавјата. Според властите во Брисел, поглавјето за судството и човековите права и слободи ќе биде една од најтешките, каде треба многу да се работи. Можно е ова поглавје да го врати процесот од почеток базирано на француската методологија?

ЗОРАН ЗАЕВ:Нашата намера е да ја активираме брзата трака на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните. Се надеваме дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот за општи прашања, односно на ГАК, на 10 ноември, по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата меѓувладина конференција во декември. И покрај здравствено-економската криза, која ја засегна нашата држава, како и останатите држави во светот, Владата што ја предводам останува фокусирана на создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и стабилно општество и внатрешна кохезија. Ние сме на пат од кој нема враќање. Порано се трошеше премногу време на конфликти наместо на решавање на истите. Сега е поинаку. Придобивките на нашата работа ги чувствуваат сегашните и ќе продолжат да ги живеат следните генерации. Со секој чекор, со секое отворено поглавје во преговорите со ЕУ, со секој решен проблем, работиме да го подобриме квалитетот на сите граѓани.

КОХА: Што ќе правите со бугарскиот Меморандум за непризнавање на македонската нација и јазик?

ЗОРАН ЗАЕВ:Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство. Она што внесува оптимизам се и сигналите од нашите европски партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата за завршни преговори. Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности. Договорот со Бугарија ги дефинира рамката и инструментите за соработка и надминување на разликите. Најдобар начин за решавање на проблемите е комуникација. Не смееме да ја прекинеме или да и’ наштетиме на комуникацијата.
Договорот воспостави ред во таа комуникација и историските прашања ги одвои и ги даде на историчарите, додека политичките прашања на политичарите. Во двата дела имаме успех. Сега дојде на дневен ред и ова прашање за Гоце Делчев кое во оваа фаза покажа дека имаме разлики. Но, така беше и кога се отворија и претходните историски теми и ликови, па на крај дојдовме до заеднички прифатливи решенија.
Уверен сум дека така ќе биде и овој пат. Во духот на добрата волја и пријателството, да им го оставиме прашањето за Гоце Делчев на научниците од двете Комисии, а ние да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји, заедно да се справуваме со предизвиците кои ги донесе пандемијата.

КОХА: Во владината Програма се вели дека ќе се ревидираат 5% од судските случаи за кои има сомневање дека се политички монтирани! Кога сте го напишале ова, кои случаи сте ги имале на ум. Можеби случаите Диво Насеље, Алфите или некој друг предмет?

ЗОРАН ЗАЕВ:Согласно новите закони, Судскиот совет има овластувања да постапува по одредени предмети, односно судски одлуки, како составен дел од работата на судиите, за кои постои поширок јавен интерес, како дополнителна брана за волoнтeризам, необјективност и неправилности во спроведувањето на судската постапка. Во таа насока, да одговорам конкретно на вашето прашање, Владата, како и во претходниот мандат, ќе поддржи формирање на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои создаваа меѓуетничка недоверба и тензии. Дополнително, ќе предложиме и законски обврски со кои ЈО ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предмети кои ги следат граѓаните. Само со транспарентна работа ќе се справиме со криминалот и корупцијата, но и со недовербата кон правната држава која ја имаат граѓаните.

КОХА: Кога и како ќе се реализира ветингот во судството?

ЗОРАН ЗАЕВ:Владата има целосен консензус дека е неопходно ефикасно и објективно „прочистување“ во правосудството. Првиот чекор од прочистувањето кое е треба да се толкува како ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично. Проверка може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи.
Овие проверки од страна на веќе постоечки институции и веќе вградени законски основи најавуваат дека резултатите можат да бидат брзи и ефикасни и да обезбедат функционирање на владеењето на правото и решавање на системските проблеми кои долго време се провлекуваат во домашното судство. Владата ќе се посвети на обезбедување на ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција штом е можно побргу. Бевме прва држава во регионот кои од ЕУ побаравме веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани со висока корупција. Европската комисија тоа го поддржа и најави брз старт за овој инструмент. Сметаме дека овој чекор ќе ја зголеми одговорноста на обвинителите и судиите, ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во својата држава и нејзините институции. Процесот на прочистување треба да го водат овие институции, секако во соработка со правната фела, затоа што само така ќе се врати вербата во судовите и обвинителствата, само така ќе се зајакне правосудството кое мора конечно да испорачува ефикасна, неселективна и навремена правда.

КОХА: Факт е дека со вашето доаѓањето на власт меѓуетничките односи во државата се релаксираа. Но исто така е факт што одредени инциденти и извици, како што беше тоа случај со дел од навивачката група комити на плоштадот во Скопје и другиот инцидент во населбата Ѓорче Петров, немаат никаков епилог. Со други зборови, нема ниеден обвинет а најмалку некој осуден за поттикнување на говор на омраза. Дали сметате дека вака со неспроведување на законите, ги охрабрувате да продолжат овие појави кои можат да ја загрозат безбедноста на граѓаните?

ЗОРАН ЗАЕВ:Ние сме земја која обединува различни етнички, верски групи и други групи. Со векови сме го граделе она што денес го имаме и треба катадневно да се потсетуваме колку е тоа бесценето но и кршливо и дека секое насилство и говор на омраза се закана за овие наши вредности. Нашиот концепт на едно општество за сите е концепт кој ги унапредува овие вредности. Да негуваме нула толеранција за секое насилство и говор на омраза за да не дозволиме бидеме поколебани дека ова е вистинскиот пат кон заедничка иднина и благосостојба за сите наши граѓани. Да ја сочуваме нашата приказна по која сме познати во целиот свет, дека низ дијалог, меѓусебно почитување, и градење доверба, проблемите секогаш имаа решение. Реакциите на јавноста по повод бруталноста на одделни припадници на полицијата, реакциите за насилството на одделни граѓани против припадниците на безбедносните служби, реакциите со критики за говорот на омраза на навивачките групи се израз на зрелоста на нашето општество во кое овие појави секогаш ќе бидат осудени и санкционирани. За повеќе случаи сведоци бевме на ефикасната акција на полицијата за евидентирање и приведување на насилниците, по што очекувам и соодветна постапка и на Јавното обвинителство како одговор на принципот за нула прифатливост за насилство и говор на омраза.

КОХА: УБК се трансформира во АНБ, но цивилната контрола врз нејзината работа се уште не профункционира, оти Комисијата формирана од Собранието за таа цел се уште нема ни свои простории, а не е решено ни нејзиното финансирање.

ЗОРАН ЗАЕВ:Со отпочнувањето со работа на Агенцијата, точно пред една година, беше направен последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја со кој Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни лични и групни интереси, конечно замина во историјата. Со Оперативно техничката агенција (ОТА) со што се разби монополот односно концентрацијата на моќта која поранешната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите, а реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Она што ја прави современа АНБ, е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола. Остварена е успешна соработка и со контролните тела над работата на АНБ при што е манифестирана целосна подготвеност од наша страна за реален увид во сите активности на Агенцијата. Карактеристика на изминатиот период беше интензивната комуникација и соработка со Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, како и со Комисијата за надзор на мерките за следење на комуникациите.

Во изминатиот едногодишен период беа направени значајни чекори на планот на етаблирање, соодветно кадровско и техничко екипирање, институционално позиционирање, и успешно отпочнување со работа на новиот безбедносен субјект – Агенцијата за национална безбедност. Функционирање кое е во целосна спротивност со практиките на кои, за жал, бевме сведоци во минатото.
Сега имаме агенција која работи целосно во согласност со Уставот, законските и подзаконски акти, како што впрочем и доликува на безбедносна служба на земја членка на НАТО. Но, процесот на реформи на безбедносниот сектор не е статичен процес. Реформата подразбира развоен концепт на постојано унапредување на расположливите капацитети на безбедносниот систем, за да може со успех да се носи и справува со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност. Досегашното работење и постигнати резултати влеваат верба дека и во претстојниот период Агенцијата за национална безбедност ќе продолжи да работи во целосна согласност со уставната и законската рамка во нашата земја, со целосно почитување и спроведување на основните европски вредности и со натамошна професионална надградба за работење согласно највисоките НАТО стандарди.

КОХА: Во Уставот, албанскиот народ и јазик се именувани како 20% нација и јазик! Има ли во СДСМ политичка волја ова да се менува?

ЗОРАН ЗАЕВ:Со амандманот 4 на Уставот од 2001 година е променета неговата преамбула, со една исклучително значајна и историска одредба, со која сите други етнички заедници, покрај македонската се сега внесени во овој највисок државотворен и законски акти. И тој точно гласи: Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“Процентот што го спомнувате е дел од истите промени од 2001 година кога е определен друг службен јазик во земјата и за таков се определува јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните.

КОХА: Г. Заев дали знаете дека голем број на граѓани во нашата држава имаат се уште проблем со државјанството. Постојат апсурдни ситуации со семејства каде што децата поседуваат државјанство а мајката не, или обратно! Со други зборови, имаме луѓе кои се апатриди (без никакво државјанство), што е во спротивност со Конвенциите на ОН кои ги има потпишано нашата држава? Дали е ова дел од вашата политичка агенда?

ЗОРАН ЗАЕВ:На предлог на Владата, Собранието на нашата земја на 3 јануари оваа година ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за намалување на бројот на апатридите од 1961 година, и со тоа Северна Македонија беше меѓу првите земји што ја прифатија оваа голема меѓународна иницијатива и клучен чекор во борбата против бездржавноста, односно за заштита на правата на лицата што немаат државјанство на ниту една држава. Северна Македонија од 1994 година е членка на Конвенцијата за статусот на лица без државјанство од 1954 година, и пристапувањето на државата кон двете конвенции за бездржавјанство ги потврдува силните заложба на Владата да ги заштити лицата без државјанство и да ги реши причините за бездржавјанството, како што се празнините во националното законодавство. Заради кризата со КОВИД-19 се продолжи перидот на имплементација на одредбите од Конвенцијата, но Владата ги утврдува најсоодветните решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на сите лица на кои треба да им се обезбеди основната лична документација за да се стекнат со сите граѓански права кој потоа ќе им ги обезбеди сите погодности што ги имаат и сите други граѓани на нашата земја.

КОХА: Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ уште од почеток на вашиот мандат почна со тематски протести на различни теми. Повеќе посакувате да имате улична или институционална демократија? Очекувате ли поддршка од оваа опозиција за некои одредени прашања во иднина?

ЗОРАН ЗАЕВ:Нашата држава во претстојниот период ја очекуваат важни одлуки и процеси. Справувањето со пандемијата, стратот на преговорите за членство во ЕУ, имплементацијата на реформите во правосудството, економската консолидација од КОВИД-19 кризата… Сето тоа се процеси во кои секој придонес е значаен, како и тој на опозицијата. Придонес е и да не ги кочиш процесите за кои во јавноста и меѓу граѓаните има консензус дека се од интерес на граѓаните и на државата. Ако ВМРО-ДПМНЕ не го направи тоа, тогаш само ќе демонстрира дека не ги интересира доброто на државата и интересот на граѓаните, туку само партискиот интерес и голата борба за власт.
Најдобро за Северна Македонија е да имаме демократска опозиција која не застранува и не ги попречува стратешките правци на државата, како што тоа го правеа до сега и како што тоа го прават и денеска. За жал, после поразот на парламентарните избори, единствено што прави Мицкоски е само обид да си ја зачува фотелјата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, во белиот дворец. За потсетување, токму тој во кампањата даде ветување дека ќе поднесе оставка во партијата ако не победи на изборите и не успее да состави Влада. Мицкоски изгуби и не состави Влада. Не си го одржи зборот и не поднесе оставка. Тоа доволно говори за него. Наместо причините за поразот да ги бара во СДСМ, Мицкоски и тоа што остана од ВМРО-ДПМНЕ, фингираат улични протести без да ги анализираат сопствените погрешни политики кога го кочеа напредокот, членството во НАТО, одбраната на криминалот на режимот, извршителството на наредбите на Никола Груевски, лажењето на граѓаните, немањето став за клучните стратешки цели и сета деструкција во изминатите 3 години. Тоа е нечесен, неискрен и несериозен однос кон интересите на граѓаните и државата, ако така продолжат уште долго ќе бидат опозиција.

КОХА: Која е вашата оценка за регионалната стабилност. Очекувате ли брзо решение помеѓу Косово и Србија, и дали било кое решение кое ќе го постигнат би било прифатливо за нашата држава?

ЗОРАН ЗАЕВ:Иднината на Балканот е неговата целосна и полноправна евроинтеграција. За тоа, меѓу другото, е потребно максимално вложување во добрососедските односи, надминување на сите отворени прашања во интерес на секоја инволвирана страна. На тој начин, низ дијалог и толеранција ќе се зајакнува билатералното пријателство и регионалната соработка. Во тој контекст, ние ги поздравуваме сите обиди и сите успеси кога е во прашање договор меѓу Белград и Приштина. Развојот на добрите економски односи и соработка меѓу Србија и Косово има силен потенцијал дополнително да го стабилизира регионот.

КОХА: Државата исто така се сочува и со последиците од економската криза, предизвикана од здравствената криза Ковид-19. Како се справувавме досега, и дали очекувате од последиците на ова криза државата да влезе во економски колапс?

ЗОРАН ЗАЕВ:Првите три сета мерки ги запреа сериозните удари од пандемијата како здравствено – општествена криза и спречија социјално-економски последици кои во вакви ситуации можат да бидат драматични и долгорочни. Успешната стратегија за спречување на колапсот на здравствениот систем и на економијата и социјалната сигурност, создаде услови и за четвртиот пакет економски мерки. Новиот пакет има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепне одредени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија кога кризата ќе заврши за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија. Затоа, поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и никој нема да биде изоставен. Ги имаме предвид сите дејности и компании. Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка за работните места, кон невработените лица, социјално ранливите категории како што се стечајците, пензионерите и граѓаните од други категории. Четвртиот пакет мерки е директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст. Кога зборуваме за поддршка и помош за стопанството, односно компаниите погодени од кризата, како и за поддршката на земјоделството и другите дејности, пред нас ги имаме вработените во тие дејности. Нашите сограѓани кои секојдневно го вложуваат својот труд и на тој начин го помагаат не само развојот на компанијата, туку и економскиот развој на земјата. Времето на криза е време на меѓусебна поддршка и грижа и насоченост на сите капацитети и на финансиските средства кон нашите граѓани.
Парите на граѓаните се за граѓаните.

Вредноста на 4-тиот пакет економски мерки изнесува 470 милиони евра и заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека 1 милијарда и 20 милиони евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација. Како и досега, креирањето на мерките од овој пакет беше направено максимално транспарентно и во целосно инклузивен процес во кој учествуваа стопанските комори, синдикалните организации и организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максималниот број на граѓани засегнати од кризата. Несебична беше асистенцијата што дојде и од поединци, експерти во одделни области од социо-економската и финансиска сфера. Владата нема да запре тука со посветеноста во постојано дефинирање нови идеи и нови мерки за граѓаните. Најавувам дека веќе сме во процес на дефинирање нови интервенции за директна помош на различни целни групи во различни дејности. Постојано правиме пресметки и во периодот којшто следува ќе имаме нови вести за економски мерки – ова е кризна економија и постојано ќе бидеме на готовс да помагаме на граѓаните.

КОХА: На крај, дали после подолго време кај нас, очекувате ова да биде прва влада која ќе тера цел мандат, имајќи го предвид тесното мнозинство кое го имате, и што сметате дека ќе биде успех со што ќе можете да се гордеете после 4 години владеење?

ЗОРАН ЗАЕВ:Ќе ги вложиме сите капацитети за да заокружиме цел, 4-годишен мандат за да ги исполниме програмските определби за кои добивме одобрување од граѓаните. Како држава во наредниот период не очекуваат сериозни предизвици, мора да се работи посветено уште од првиот ден и затоа ова се времиња кога е неопходна стабилна Влада која ќе одработи цел мандат за доброто на граѓаните, влада фокусирана на економијата, правдата и преговорите со ЕУ. Се обврзуваме во следните 4 години да отвориме и затвориме 80 отсто од преговарачките поглавја, а за шест години целосно да ги затвориме преговорите. Во целиот тој процес на преговарање, преку европските фондови ни се ставаат на располагање 2.5 милијарди евра, неповратни средства. Европски пари кои ќе ги користиме за носење на европски стандарди дома, за инвестиции во здравството, образованието, земјоделството, инфраструктурата, културата и локалниот развој. Покрај безбедносните, следува период и на економски придобивки од нашето членство во НАТО.

Ќе формираме Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО тендери, со цел уште во првата година на нашето членство во НАТО да обезбедиме целосна комуникација помеѓу нашите комори и релевантните НАТО агенции. Ќе ги охрабриме нашите домашни компании да се натпреваруваат на пазарот на НАТО кој тежи 4 милијарди евра годишно. Периодот пред нас носи нови предизвици во борбата против коронавирусот каде ќе биде потребна уште поголема посветеност на здравствениот систем. Затоа, инвестициите во јавното здравство продолжуваат уште повеќе. И во овие услови на криза заради КОВИД-19, имаме амбициозен и заокружен концепт за продолжување на започнатите позитивни економски политики и за преземање храбри, координирани, и ефективни политики кои ја адаптираат нашата економија за новото време. По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40% и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на коронакризата врз светската и домашната економија. Знаеме и можеме, до крајот на мандатот да ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив раст од 4 отсто. Иновативноста, дигитализацијата, претприемачкиот дух ќе го водат главниот збор во трансформацијата на нашата економија. За да го постигнеме тоа потребна ни е стабилност и предвидливост. Затоа е важно новата влада да го заокружи целиот мандат од 4 години, се друго не е поволно ниту за економијата, ниту за нашите евроинтеграции.