Адвокатите на Трамп личните донации ги дале за кампањата на Бајден

10

Адвокатите на правната фирма „Џонс Деј“, која заработи милиони како надворешен советник за кампањата за реизбор на американскиот претседател Доналд Трамп, донираа речиси 90.000 долари на изборниот комитет на демократскиот ривал на Трамп, Џо Бајден. Придонесите во кампањата Трамп од страна на адвокатите на „Џонс Деј“ изнесуваат вкупно само 50 американски долари, покажуваат записите.

Анализата на Ројтерс за евиденцијата на Федералната изборна комисија покажува огромна разлика помеѓу индивидуалните донации на адвокатите за кандидатите, со речиси 29 милиони долари директно во кампањата на Бајден и нешто помалку од 1,75 милиони американски долари за Трамп од 1 јануари 2019 година до 31 август 2020 година. Адвокатите во неколку други правни фирми што го претставуваат Трамп или неговата кампања, исто така, во голема мера го фаворизираа Бајден.

Бројките се одраз на индивидуално давање, а не придонес на адвокатска канцеларија и тие се потпираат на самоидентификување на донаторите по професија и работодавач. Ројтерс ги анализираше податоците за над 120.000 придонеси пријавени од главните комитети на кампањата на кандидатите.

Адвокатите долго време донираат повеќе на кандидатите за претседател на Демократската партија отколку на републиканците, покажуваат податоците. Професијата е наклонета в лево, според извештајот од 2015 година на професорите на Универзитетот Стенфорд, Универзитетот во Чикаго и Универзитетот Харвард, делумно поради тоа што значаен дел од големите адвокатски фирми се со седиште во градови со склоност кон либералите како Њујорк и Лос Анџелес. (Ројтерс)