Медведев нема да настапи во Монте Карло, Надал оди на дополнително тестирање

6

Данил Медведев самиот посочи дека не е премногу воодушевен што започнува сезоната на земјена подлога каде игра убедливо најлош тенис, па пред самиот старт на Мастерсот во Монте Карло, Русинот ќе мора да оди на принудна пауза.

Светскиот рекет број два отпадна од ждребот и дефинитивно нема да игра на турнирот во кнежевството, откако ова утро доби позитивен тест на коронавирус, кој автоматски прави да оди во изолација се додека не добие негативен тест.

Сепак, позитивниот Ковид тест на Русинот донесе уште поголема неизвеснот поради неговиот вчерашен тренинг, на кој спаринг партнер му бил Рафаел Надал.

Шпанскиот тенисер имал ноќна сесија со Медведев во пресрет на настапите на Монте Карло, за кои сега „виси“ и тој без оглед на фактот што вчерашниот тест му е негативен.

Одговорните луѓе на Мастерсот порачаа дека сите блиски контакти на Медведев ќе бидат одново тестирани, па Рафа ќе добие зелено светло за настап ако доби и втор негативен тест во период од 24 часа.