Министерството за култура и Асоцијацијата на архитекти потпишаа Меморандум за соработка

7

Архитектите ќе бидат вклучени во заштитата на недвижното културно наследство во земјава, според меморандумот кој денеска го потпишаа министерката за култура Ирена Стефоска, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мишко Ралев и претседателката на Собранието на ААМ Искра Јанковска-Михајловска. Прва соработка ќе биде, како што велат тие, вклучувањето на тим професионални кадри чија специјалност е заштита на објекти од културно наследство во стручното тело при Министерството за култура за поддршка на процесите на Охридскиот Регион.

„Меморандумот предвидува соработка меѓу Министерството и архитектите во планирање проекти и активности поврзани со архитектурата во областа на заштитата на недвижното културно наследство, како и давање стручни мислења поврзани со архитектурата во проектите што Министерството ќе ги спроведува за заштитата на културното наследство“, велат од ААМ.

Асоцијацијата на архитекти со активистите на Охрид СОС неодамна побараа ресторанот-дискотека „Парк“ на брегот на Охридското Езеро, наградувано дело на архитектот Павел Балабан од 1989, да биде заштитен како споменик на културата, а Иницијативата беше испратена до сите надлежни министерства, музеи и институции за заштита на културното богатство, а и лично до премиерот Зоран Заев. На 4.525 метри квадратни на просторот кај ресторанот и дискотеката „Парк“ во Охрид ќе се гради нов хотел. Според одобрението за градба од 2018, инвеститорот, градежната фирма „Ремис“, ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје.

На 1 март, Асоцијацијата повика да се стопира изградбата на хотелот на местото на ресторанот „Парк“ додека не се добие позитивна стручна анализа за проектот. Барањето се засноваше на податокот дека објектот со својата форма, дизајн, габарит и функција создава симбиоза меѓу природата и артифициелното, односно Охридското Езеро и околината со автентичната охридска архитектурата од 20. век.

Но, објектот сепак беше урнат, по што министерката за култураСтефоска побара Владата да им ги одземе ингеренциите на Општините Охрид и Струга оти немаат волја за заштита од УНЕСКО. Владата нареди да спречи градењето кај „Парк“ додека не се испита одобрението за градба кое е со истечен рок, по што и охридскиот градоначалник Константин Георгиески го одлучи истото.