Рестораните за свадби би можеле да отворат до крајот на мај

7

Угостителските објекти за свадби и прослави најверојатно ќе почнат да работат од крајот на мај, најави министерот за економијата Крешник Бектеши.

Сепак, тој рече дека ќе се почитува препораката што ќе дојде од Комисијата за заштита од заразни болести, а во зависност од епидемиолошката состојба и бројот на заразени.

„Ние секоја недела носиме полабави мерки. Ако тоа го дозволи ситуацијата, и овие објекти ќе може да работат по посебни протоколи“, рече Бектеши.

Во однос на најавата за недела – неработен ден, Бектеши рече дека на ЕНЕР е поставен предлог-законот за трговија каде што е предвидено да работат трговските центри и трговците поединци, но под посебни услови – работниците да добиваат 100 отсто поголема дневница од онаа што им се исплаќа во другите денови и објектите, како трговски центри и бензински пумпи, да плаќаат по два отсто од приходите што ги заработуваат во недела и ќе се користат за изградба на градинки.

За оние што нема да ги почитуваат овие законски одредби, предвидени се санкции, а дополнителни и Пазарната инспекција ќе може да врши контрола дали се исплаќаат вакви дневници, што досега не било случај.

Бектеши ги демантираше информациите објавени во некои медиуми дека угостителските објекти во недела ќе работат само една смена и посочи дека тоа е регулирано во Законот за угостителска дејност.

СПОДЕЛИ