Израел нападна палестински камп за обука, над 80 Палестинци повредени во судирите во Израел

6

Радиостаниците под контрола над исламистичкото движење Хамас кое го контролира Појасот Газа известија дека изминатата ноќ кон средата израелски борбен авион нападнал камп за обука во палестинската енклава, што е првиот израелски напад од примирјето со кое во мај беше завршено 11-дневниот прекуграничен вооружен судир, и првиот само два дена по стапувањето на власт на новата израелска влада на широката коалиција.

Израелската војска подоцна потврди дека нејзини авиони нападнале „воени објекти“ на Хамас во Појасот Газа, како одговор на лансирање запалливи балони кои според податоците на израелските противпожарни служби предизвикале дваесеттина пожари на југот од Израел. Покрај тоа, израелската војска наведе дека поради постојатните терористички заканни кои доаѓаат од Газа е подготвена на сите сценарија, вклучително и обновувањето на борбите.

Хамас претходно во вторникот вечерта се закани дека ќе преземе акции со кои ќе одговори на поворката на еврејските десничари во источен Ерусалим.

Новиот израелски премиер, националистот Нафтали Бенет кој на должноста дојде благодарејќи и на гласовите на арапските пратеници во израелскиот парламент, претходно порача дека израелските власти не би требало да ги толериаат лансирањата на запалливите балони и дека на нив треба да се одговори како и на лансирањето ракети.

Истовремено палестинската Црвена полумесечина објави дека најмалку 87 Палестинци се повредени во судирите со израелската полиција во источен Ерусалим и во енклавата Западниот брег (на реката Јордан), како и во нападот во Појасот Газа.

„Нашите бригади ноќта примија 87 лица со повреди на окупираните палестински територии“, се вели во објавата на организацијата на социјалните мрежи.

Како што се прецизира, 50 Арапи биле повредени во Ерусалим и неговата околина, 33 луѓе на Западниот брег во местата Рамала и Наблус, и уште четворица Палестинци биле ранети во градот Кан-Јунис на југот од Појасот Газа. Се истакнува и дека израелските безбедносни сили ја попречувале работата на палестинските медицински екипи.

Судирите дојдоа откако во вторникот доцна попладнето и вечерта во Стариод град во Ерусалим се одржа „Поворката на знамињата“ на еврејските десничарски активисти. Демонстрантите, меѓу кои млади еврејски активисти, ултрационалисти и крајни десничари, се упатија од ортодоксниот кварт во западен Ерусалим во источниот дел од Светиот град, на плоштадот пред Дамаскинската порта која гледа кон муслиманскиот кварт во Стариот град, каде што е Платото на џамијата.

Движењето Хамас во вторникот повика на „општа мобилизација“ за спротиставување на маршот на илјадиниците еврејски активисти во источен Ерусалим, додека палестинските фракции на отпорот агитираа до Арапите во рамките на границите пред војната од 1948 година да протестират против „израелската агресија“.

Како што објави весникот The Times of Israel, Армијата за одбрана на Државата Израел (официјалниот назив на израелските вооружени сили), ги активирала батериите од противракетниот систем „Челична купола“ на територијата на целата земја и испратиле дополнителни единици за одржување на редот на Западниот брег.

Од 21-ви мај на сила е примирјето меѓу еврејската држава и палестинските радикали од крајбрежната енклава. Во 11-те дена рамзе нување ракетни удари, беа убиени 256 жители на Газа од кои над 80 деца, а околу две илјади беа повредени. На израелската страна загинаа 13 лица, од кои две деца. Во моментов, повторно со активно посредување на Египет се работи на договор за трајно примирје меѓи спротиставените страни.