Даскаловски се приклучи на Голден Арт, ќе добие нова улога!

2

Искусниот голман, Златко Даскаловски е нов член на Голден Арт, каде што ќе добие поинаква улога и ќе стартува нова авантура во својата богата кариера. Откако минатата сезона бранеше за Бутел, Даскаловски во новата сезона пред сè ќе биде соработник на Матлиески во стручниот штаб, ќе работи со голманите на сите генерации и по потреба ќе биде меѓу стативите.

Чуварот на мрежата ќе започне со тренерскиот занает во Голден Арт, ќе биде задолжен за работа со помладите колеги, но ќе биде и во протоколите во случај да треба да брани. Даскаловски призна дека му е чест и задоволство да се приклучи на проектот.

„Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од еден проект како Голден Арт, насочен кон развој и создавање на млади играчи и млад стручен кадар. Ова ќе биде еден нов, малку поинаков предизвик за мене како играч со големо интернационално искуство и се надевам дека со се што сум научил, целото ракометно и животно искуство ќе придонесам за развој на младите голмани и играчи во клубот. Воедно ќе бидам голема поддршка на шефот на стручниот штаб Матлиески , човек и тренер од кој можам многу да научам за мојот следен предизвик во струката во која се гледам следните години. Благодарам на клубот за понудата и концептот, за кој сметам дека, во моментов е идеален за периодот на играчка кариера во која се наоѓам”, изјави искусниот голман.

Покрај него, на медиумите се обрати и спортскиот директор на клубот, Милчо Чакарески кој кажа:

„Голден Арт со последните неколку потези покажа дека останува на линија на ангажирање македонски ракометари, во случајот искусни играчи, кои, треба да бидат поддршка за младите Ѓорговски, Симоноски, Димовски, Илиески, Стојковиќ и останатите, и да се стават во функција на развој на истите. Покрај нивните ангажмани како искусни играчи, многу поважно за нас како колектив е нивната тренерска едукација во насока на создавање на „струка” која е крајно дефицитарна, струка која ќе биде сигурна, желна за докажување и напредок”.

Даскалоски е големо засилување за Голден Арт, бидејќи во својата кариера беше дел и од репрезентацијата на Македонија, има интернационални искуства од Франција и Романија, а бранеше и за неколку македонски клубови во Суперлигата.