Георгиески: Испорачавме резултати, затоа УНЕСКО ни даде уште една шанса

3

Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност е поради успеси и испорачаните резултатите, смета градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Според него со отстранувањето на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство, биле клучни за ваквата одлука на УНЕСКО.

„За мене како градоначалник и за Општина Охрид, оваа позитивна одлука значи нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија и да вложиме максимални напори, за да покажеме дека знаеме да го чуваме и да грижиме за непроценливото богатство, кое го ни е оставено како аманет. Упатувам голема благодарност до Комитетот на УНЕСКО, за тоа што покажа желба на објективен начин да ја согледа целокупната состојба и тоа што успеа да ја препознае нашата вистинска волја, капацитет и подготвеност, да се соочиме со наследените катастрофални состојби“,
вели Георгиески.

Градоначалникот ветува дека сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети. Упати критика и до еколошките организации.

„Оваа можност сакам да ја искористам за да им порачам на сите еколошки организации, поединци и политички партии, кои беа наши дежурни критичари и секојдневно отвараа негативни теми во јавноста, во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка на целокупниот процес, на кој е посветена Општина Охрид. Исто така, сакам да ја информирам јавноста дека Општина Охрид согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство и законските процедури веќе спроведува анализа и подготвува соодветен план за идно уредување на крајбрежјето и плажите, за кој ќе бидат консултирани граѓаните и сите туристички чинители“, кажа Георгиески.