Бајден најави повлекување на американските сили од Ирак

2

Претседателот на САД Џо Бајден најави дека американската воена мисија во Ирак ќе биде завршена до крајот на годината и истакна дека таа одлука ја одразува реалноста на теренот повеќе отколку големите промени во американската надворешна политика.

Американскиот претседател не прецизираше дали планира да го намали американскиот контингент во Ирак, кој сега брои околу 2.500 војници, пренесува Асошиејтед прес.

Оваа најава на претседателот на САД следи по одлуката американските сили по 20 години воено ангажирање во Авганистан да се повлечат од таа земја заклучно со септември годинава.

Американската воена интервенција во Ирак и Авганистан чинеше многу пари и спречи Америка да посвети поголемо внимание на сè посилната Кина, која Бајденовата администрација ја оценува како најголем долгорочен безбедносен предизвик, наведува АП.

Во разговор со новинарите за време на средбата во Овалната канцеларија со ирачкиот премиер Мустафа ел Кадими, Бајден кажа дека неговата влада останува посветена на партнерството со Ирак.

Во таа земја се сè поактивни паравоените сили кои ги поддржува Иран, кои периодично ги напаѓаат базите во кои се стационирани американските трупи и кои бараат американските трупи веднаш да го напуштат Ирак.