Властите размислуваат дали од есен да воведат рестрикции за невакцинираните

10

Се размислува да се воведат некои рестриктивни мерки за невакцинираните во земјава од септември или октомври, доколку се процени дека ризикот од невакцинираните кон генералната популација е голем, најави министерот за здравство Венко Филипче.

– Засега не планираме никакви рестриктивни мерки. Но, ги следиме искуствата. Во светот има дебата дали да се прави рестрикција за граѓаните кои не се вакцинирани, да не ги загрозуваат оние кои се вакцнирани. Некои земји воведуваат брзи антигенски тестови за влез во маркети или на културни настани. Ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон генералната популација е голем и ние ќе воведеме рестриктивни мерки, изјави министерот.

Тој уште еднаш апелираше дека вакцинацијата е единствениот начин да се стави крај на пандемијата со коронавирусот, но во исто време истакна дека ќе се затвори пунктот за вакцинација во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и вакцинацијата без закажан термин ќе продолжи само во здравствените домови и во спортските сали во Тетово и во Струмица.

– Чекавме да помине масовниот прилив за ревакцина, но понатаму имунизацијата ќе се одвива во здравствените домови без закажување. Спремни сме да интервенираме и да пружиме шанса пак за вакцинација преку систем во спортските сали, но засега здравствените домови се доволни, рече министерот.

Вакцинацијата во земјава се одвива непречено. Наскоро ќе биде надмината бројката од 500 илјади граѓани вакцинирани со прва доза, а 330 илјади граѓани се ревакцинирани.

– До крајот на август сите 500 илјади граѓани ќе бидат ревакцинирани. Теренската вакцинација исто така се одвива добро и со неа се опфатени 20 илјади граѓани. Функционираат салите во Тетово и во Струмица, а понатаму вакцинацијата ќе се одвива во здравствените домови и во пунктовите и секако, ќе се спроведува теренска вакцинација, рече Филипче.

Во врска со граѓаните кои што се вакцинирани со две дози а сепак заболеле од ковид, министерот рече дека станува збор за исклучително мал процент од околу 0.02 проценти на такви случаи.

– Вкупно од 330 илјади вакцинирани со две дози, само 92 пациенти се заболени. Тоа е многу мал процент на зараза од 0.02 проценти што претставува уште еден доказ колку е корисна вакцината и апелирам сите граѓани да бидат свесни, дека тоа е единствениот начин да се промени сликата за пандемијата. Ќе продолжиме со сите повици за вакцинација и верувам дека ќе се зголемува интересот, рече министерот.

Најслаб интерес за вакцинација има во помалите градови во источна Македонија. Во Битола и Охрид има висок процент од над 40 проценти, на вакцинирани граѓани. Вкупно 60 проценти од вкупното население повозрасно од 65 години е вакцинирано, но тој процент опаѓа, како што опаѓа старосната граница. Досега се имунизирани 630 деца.

Според последната статистика од Институтот за јавно здравје, двајца пациенти заразени со коронавирусот починале во Скопје и во Тетово. Активни се 300 случаи, а од 2473 тестирања, регистрирани се 10 нови случаи на ковид 19.