Заев: Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври

3

И покрај дилемите за поклопување на пописот со кампањата за локалните избори, премиерот Зоран Заев кажа дека утврдено е оти датумот на одржување на изборите останува ист, односно 17 октомври. Тој смета дека можно е пописот да заврши и порано од крајниот рок.

„Датумот, според предлогот од работните групи во кој учествуваат сите политички партии е 17-ти, односно, нема промени на датумот кој е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми поаради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но, на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо, пописот е активност којашто финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем, пописот секојпат се држел 20 дена, овојпат се определени 30 дена, може навистина да се заврши порано. Има доволно време, нема потреба од какви било промени на датумот за изборите“,кажа Заев.

Тој вели дека предлог за прагот на поднесување на независните листи е 2 проценти од вкупниот број избирачи.

„Ако има општината 10 000 избирачи, треба 200 потписи за да се поднесе независна листа. Ако има 50 000 избирачи, треба 1 000 потписи за да се поднесе независна листа“, рече Заев.