Вработените во Гугл и Фејсбук мора да се вакцинираат

16

ИТ-џиновите Гугл и Фејсбук им воведуваат обврска на своите вработени за вакцинирање против коронавирус. Тоа концерните го соопштија независно еден од друг. Истовремено, и Гугл и Фејсбук ја продолжија понудата за работа од дома поради широко распространетиот Делта сој на вирусот.

„Секој кој ќе дојде на работа во нашиот кампус, мора да биде вакциниран“, објави шефот на Гугл, Сундар Пичаи во својот блог. „Ова правило ќе го воведеме наредната недела во САД, а во месеците кои следуваат ќе го прошириме и за други региони во светот“, објаснува Пичаи. Надвор од САД правилата ќе се прилагодат на корона-мерките кои важат во одделните држави и на понудата на вакцини во нив.

Во имејл порака до над 130-те илјади вработени, Пичаи наведува дека тие ќе може да се вратат во своите канцеларии најверојатно од 18 октомври. Првично концернот го имаше предвид 1 септември како датум за враќање на работа.

Шефицата на персоналното одделение во Фејсбук, Лори Голер, соопшти дека спроведувањето на обврската за вакцинирање за вработените во канцелариите во САД ќе зависи од „локалните услови и прописи“. Ќе постои и пропишана постапка за оние кои од здравствени или други причини не може да бидат вакцинирани. Концернот во моментов преиспитува и како би требало да се постапи во претставништвата на Фејсбук надвор од САД.

Фејсбук планира во септември да ги пополни своите канцеларии со капацитет од 50 проценти. Од октомври би требало и официјално да се почне со работа во канцеларија.

Со оглед на тоа што подготвеноста за вакцинирање стагнира, сојузните држави Њујорк и Калифорнија претходно веќе најавија воведување обврска за вакцинирање на службениците. Од септември во Њујорк сите вработени во државното здравство кои имаат контакт со публика, мора да бидат вакцинирани. Сите останати од 6 септември мора да приложат доказ за вакцинација или да одат секоја недела на тестирање.

Во САД се целосно вакцинирани околу 330 милиони граѓани, односно речиси 49%. И покрај различните поттици и рекламни кампањи, подготвеноста за вакцинација во последно време опаѓа.