Додик сам се пријавил во обвинителството на БиХ за негирање геноцид

4

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик самиот се пријавил во обвинителството на Босна и Херцеговина поради негирање геноцид, пренесе Радио-телевизија на Република Српска.

Додик наведе дека тоа го направил сам за, како што наведе, „да ги растерети муслиманите кои би можеле да бидат изложени на притисок и барања од своите лидери, кај кои кон Србите се присутни вжештени чувства и омраза, против него да поднесат кривична пријава“.

„За да нема вжештени емоции и ниски страсти од сараевската задушлива политичка кујна, во која кон Србите секојдневно се произведува омраза, решив да се пријавам“, кажа тој.

Истовремено, Додик ги повика Србите кои работат во Агенцијата за истраги и заштита на БИХ (СИПА) да не постапуваат по налозите на обвинителството околу наметнатиот закон за забрана на негирање геноцид.

„Барам од директорот на СИПА (Дарко Ќулум) да не постапува по тие налози и да не постапува ниеден Србин. Верувам дека и Хрватите ќе прифатат да не постапуваат по такви нешта, бидејќи и ним ќе им се случи нешто такво набрзо“, кажа Додик.

„Полицијата на Република Српска веќе доби налог да ги штити и брани нашите луѓе – што и да значи тоа. Ако некој се обидува да апси, приведува, полицијата на Република Српска ќе го спречува тоа“, кажа Додик.

Тој оцени дека „сеопштиот отпор во Република Српска на наметнувањето на дополнувањата на кривичниот закон на БиХ со кои се забранува и казнува негирањето геноцид и величењето на воените злосторници ќе ја покаже сета бесмисла на тој закон, а пред сè бесмислата на функционирањето на БиХ“

„Ова ќе го покаже целиот неуспех на БиХ и самата интервенција која ја наметна (високиот претставник во БиХ Валентин) ИНцко“, кажа Додик.