Почнува петтото издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“

4

Со промоција на книгата „Филмски великани“ од Сунчица Уневска и изложба на Милко Нестороски и Лида Шерафатман – „Соништа од природата, сувенири во реалноста“ вечерва во Струга почнува петтото издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“ (Drim Short).

Под мотото „Сонувајте кратко“, на летната сцена во Домот на поезија во Струга до 1 август, како што соопшти организаторот, публиката ќе има можност да проследи околу 50 кратки филмски остварувања, поделени во четири категории (интернационална, регионална, студентска и „Dealing with the past“).

Селекцијата е на Иван Бакрач, а категоријата „Dealing with the past“ е во соработка со ZFD Форум Македонија. Филмската програма вклучува две гостински програми од фестивалите на кратки филмови Dokufest од Косово и Go Short од Холандија. Едукативната програма вклучува два онлајн мастер класови на реномирани имиња од европската филмска индустрија: (1) ’Short docs: Why so popular and how to see them!‘ со Ветон Нуроколари и (2) ’How to structure your festival“ со Матју Јансен. Ќе има и музичка ОФФ програма со настап на БРАН – Herzel & Flute Power, која ќе се одржи во Камп Треска – Радожда.

Дојдовме до мал, но значаен јубилеј, остварен пред сè со љубов и посветеност, Струга да има филмски фестивал, кој ќе стане уште еден убав и препознатлив белег на градот. Филмот никогаш не бил близок до Струга како денес и наша цел е тоа да стане традиција долга како поетската. И ниедна традиција денес не би била важна, ако некој, некогаш, не го направел првиот чекор. А ние стасавме до јубилејниот, петти чекор, важен, голем и обоен во живоста на брановата должина од спектарот помеѓу сината и зелената боја. Цијанот, кој резонира со струшкиот пејзаж, езеро, река, дрвја, небо и немир, соопшти организаторот.