Цената на парното се намалува за 4 отсто

4

Регулаторната комисија за енергетика одлучи да ја намали цената на парното греење во Скопје за 4 отсто, а веќе августовската сметка, што ќе дојде за наплата во септември, ќе биде со новите цени.

– Најголемата компанија која снабдува 56.000 потрошувачи, БЕГ, ќе има намалување на цената за парното за 4,35 проценти. Фиксниот надоместок останува ист, а цената за испорачана топлинска енергија ќе се намали за 6,39 проценти. Со ова испраќаме сигнал дека оние потрошувачи коишто се приклучени на системот за топлинска енергија во сопственост на БЕГ, ќе им се намали сметката за енергија. Со тоа испраќаме уште еден сигнал и потрошувачите кои се исклучиле, да се приклучат на овој организиран систем. Со оваа одлука имаме историски најниска цена за парното – рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

На еден просечен стан од 55 – 60 квадрати, вкупниот трошок за греење, за една грејна сезона изнесува 19.900 денари на ниво на цела година.

Цената на топлинската енергија од БЕГ се намалува за 4,35 отсто, при што граѓаните плаќаат фиксен надоместок, а цената за испорака на топлинска енергија се намалува за 6,39 отсто.

– Причина за ова намалување се, пред се што „ТЕ-ТО“ во Скопје значително го зголеми своето производство, а од друга страна, ние од 2018 година, цената на „ТЕ-ТО“ му ја намаливме за 15 отсто, во однос на цената на топланите – рече Бислимоски.

Тој појасни дека трошокот за природен гас во изнесува 22,23 денари од октомври до декември, а од јануари 2021 година имаше цена од 12 денари за нормален метар кубен. Се очекува цената на гасот да расте, но си овие мерки и намалување на цената на ТЕ-ТО за 15 отсто, ќе се избегнат ценовни шокови.

– Кај останатите компании кои снабдуваат со топлинска енергија, ЕСМ енергетика, кои снабдуваат 3.800 потрошувачи со топлинска енергија, цената ја намаливме за 0,57 проценти. Кај нивните потрошувачи не се наплаќа топлотна енергија врз основа на потрошувачка, туку по квадрат простор за живеење. Во Скопје Север, која снабдува само 501 потрошувач, цената за топлинска енергија се намалува за 1,25 проценти. Во таа мрежа постојано се намалува бројот на корисници – рече Бислимоски.

Трите компании кои испорачуваат топлинска енергија во Скопје, бараа зголемување на цените, а од Регулаторна добија намалување, за што Бислимоски вели дека тие не се задоволни, но дека методологијата која ја користи Регулаторна покажала дека цените може да се намалат, а компаниите не може да се жалат на оваа одлука.