Нема веќе печатени дневници, од септември само електронски

26

Од септември наставниците веќе ќе немаат обврска податоците и оценките за учениците да ги внесуваат и во печатен и во електронски дневник, соопшти Бирото за развој на образованието. Од новата учебна година во основното и средното образование во употреба ќе бидат само електронските дневници, соопшти Бирото за развој на образованието.

Наставниците веќе знаат да пополнуваат електронски дневник кој со години е дел од образовниот систем, велат од Бирото. Електронската евиденција ќе ја водат околу 25.000 наставници и професори. Во електронските дневници, освен оценките, ќе се внесуваат информации за изостаноците и активностите на учениците.

Наставниците веќе подолго време бараат да бидат растоварени од обврската да водат двојна евиденција во воспитно-образовниот процес, но потсетуваат дека нема интернет во училиштата.

Процесот на дигитализација на образованието е една од приоритетите на Владата, чија цел е модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор, велат од Министерството за образование и наука и додаваат дека се подготвени за почнување на новата учебна година и во услови на пандемија.

„Сметаме дека најважно е, односно најдобро сценарио е наставата со физичко присуство со сите ученици, согласно со распоредите за почеток на наставата. Доколку има драстична промена во епидемиолошката слика, тогаш би требало да го промениме сценариото со хибридна настава – една недела во училиште, една онлајн. Третото најмалку посакуваното сценарио е да поминеме најголем дел од наставата онлајн. Очекувам дека ако сите ги почитуваат протоколите за настава со физичко присуство, ќе успееме и наредната учебна година да ја реализираме на тој начин. До денеска повеќе од 58 отсто од наставниците и соработниците во училиштата се веќе вакцинирани“, вели Мила Царовска, министерката за образование.