Филипче и заменик-министерот за здравство Илир Хасани поднесоа оставки

7

Министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот за здравство Илир Хасани поднесоа оставки од функциите, по катастрофалниот пожар во ковид центарот во Тетовската болница во кој загинаа 14 лица.

Филипче само што соопшти дека понудил оставката до премиерот на прес-конференција во Владата, а претходно попладнево оставка поднесе директорот на Тетовската болница Флорин Бесими.

„Во овие тешки моменти за сите нас, поднесувам оставка како највисок морален чин. И покрај фактот дека немам никаква врска со процедурите за формирање модуларна болница, иако немам никаква врска со организацискиот дел, оставката е најмалиот чин што можам да го направам во моментов, да ги почитувам жртвите, повредените, јавноста и себеси. Нема ништо над достоинството!“, напиша Хасани на Фејсбук пред пресот на Филипче.

Бесими на својот фејбсук профил објави дека како доктор, кој цел професионален живот го посветил во лекување на неговите сограѓани и како прв човек одговорен во Клиничката болницата во Тетово, со која раководи последниве години, чувствува морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи.

Ковид-центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, при што загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини.

По извршената обдукција на телата на 14-те жртви, се утврди дека двајца се девојче и жена – роднини, кои се затекнале крај болната мајка, односно кај болниот сопруг, легнати внатре во објектот, соопшти Обвинителството. Осум жени изгореле, шест мажи.

Обвинителството презело мерки за обезбедување на видеоснимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби. Се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.

Германски експерти од Федералната криминалистика ќе пристигнат деновиве во Северна Македонија за да ја помогнат истрагата околу пожарот во ковид центарот во Тетово, соопшти денеска Владата.

„Утрово е потврдена поддршката од НАТО сојузникот Германија, со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово“, велат од Владата.