ЗАЕВ НЕ СМЕТА ДЕКА ВЛАДАТА ТРЕБА ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА Несреќи се случуваат насекаде во светот

5

Премиерот додаде дека на одлуката за оставките на министерот Филипче и на заменикот Хасани ќе влијаат информациите од форензичкиот и од експертскиот извештај.

-Трагедии се случуваат насекаде во светот. Го разбирам високиот морален чин за оставките на министерот и на заменикот министер за здравство, на директорот и на економскиот директор на болницата, но не мислам дека целата влада треба да си поднесе оставка, одговори премиерот Зоран Заев во првата своја изјава пет дена по пожарот во тетовскиот ковид центар каде животот го загубија 14 лица.

– Четврток, петок, сабота и недела немав изјава бидејќи беа денови на жалост и во моменти на чувствителност не сакав да влијаам на впечатокот. Експертите и институциите треба да испорачаат одговори на прашањата за кои се заинтересирани пред сè семејствата, но и граѓаните. Со огромно сочувство кон семејството ред е да почекаме да се добијат сите одговори за потоа да го кажам своето мислење за оставките. Трагедии се случуваат насекаде во светот го разбирам високиот морален чин за оставките на министерот, заменикот, директорот и економскиот директор. Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка. Должност е на Филипче и заменикот Хасани да ја извршуваат функцијата додека не бидат тргнати и до доаѓање на нови – рече Заев.

За тоа кој вршел надзор врз модуларните ковид центри, Заев рече дека надлежните институции ќе дадат информации и дека примопредавањето е опишано во закон. Тој рече дека нема никаква информација, само додаде дека како градоначалник може да каже дека модуларните објекти се различни од цврстите градби. Тој не кажа кога ќе пристигнат форензичарите од Германија, само рече дека е дојдена нивната претходница која го подготвува теренот за форензичарите кои треба да ни помогнат во експертизата.

Заев рече дека не знае оти од тетовскиот ковид центар имало барање за зголемување на безбедноста.

За оставките и за моралната одговорност Заев вели:

– Тешко ни е на сите за оваа огромна загуба, најтешко им е на семејствата, пријателите, на граѓаните. Тешко ми е и на мене, јас сум само обичен, нормален човек и мене ми е тешко за несреќата. Немам информации за истрагата. Експерти форензичари од МВР заедно со тимови работат и експерти од Дирекцијата за заштита и спасување работат. Важно ми е да има брз резултат и да биде исклучително експертски и професионално поставен и да ги даде сите одговори на граѓаните – рече Заев.

Тој додаде дека на одлуката за оставките ќе влијаат информациите од форензичкиот и од експертскиот извештај. Заев рече да не се прејудицираат одговорите и да се прават приказни, туку да се остават професионалците да ја завршат постапката.