Почина легендарниот Душан Ивковиќ

2

Легендарниот српски кошаркарски тренер Душан Ивковиќ почина денеска во болница во Белград на 78 години. Веста за смртта на великанот на српската и југослвовенската кошарка ја потврдија од тимот на Раднички.

Во неговата богата тренерска кариера ги водеше Раднички, Партизан, Шибеник, Војводина, но и гиганти како Олимпијакос, ЦСКА Москва и Анадолу Ефес. Со Олимпијакос два пати ја освои Евролигата, од кои последниот пат во 2012 година во составот на грчкиот гигант играше и нашиот Перо Антиќ. Ивковиќ европски титули им донесе и на Партизан, АЕК и Динамо Москва.

Дуда немаше само успеси на клубски план, туку и како селектор. Со селекцијата на поранешна Југославија освои две европски злата, 1989 и 1991, сребро на Олимписките игри во Сеул 1988, а во меѓувреме го освои и Светското првенство во 1990 година.

По распадот на Југославија Ивковиќ ја водеше репрезентацијата на Србија од 2008 до 2013 година и за тоа време освои сребро на Европското првенство во 2009 година.