Бојкот на наставата на турски јазик во Гостивар, наставниците бараат повеќе паралелки

5

Од петокот (17 септември), тече бојкот на наставата на турски јазик во гостиварската гимназија, поради тоа што била затворена една паралелка, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Причината за бојкотот е затворањето на една паралелка на турски наставен јазик во Гостиварската гимназија“, се вели во соопштението од наставниците во наставата на турски јазик, според агенцијата Анадолија.

Во соопштението се потсетува дека во ова училиште наставата се изведува на три наставни јазици, и дека почнувајќи од 1956 година во Гостиварската гимназија непрекинато се изведува настава и на турски наставен јазик.

„Имаме предвид дека во учебната 2021/2022 година при уписот во турските паралелки имаме пораст на бројот на нови ученици, а од друга страна се соочуваме со затварање на една паралелка во прва година што е неприфатливо за нас“, се наведува во соопштението.

Се нагласува дека во учебната 2021/2022 година при упис на ученици на албански наставен јазик сите 102 запишани се примени во 7 паралелки; на македонски јазик од пријавени 19 ученици 16 се примени во 2 паралелки, додека на турски наставен јазик, од 62 пријавени ученика 54 се примени во две паралелки наместо како досега во три паралелки што ги имале изминативе дваесет години.

„Со други зборови, процентуално гледано во паралелките на албански наставен јазик имаме 14,5 ученика во една паралелка, кај македонските паралелки имаме по 8 ученика во една паралелка. Додека на турски наставен јазик со укинувањето на едната паралелка имаме по 27 ученика во една паралелка. По оваа очигледна разлика и направената нерамноправност наместо отворање на третата паралелка што ја имавме во изминатите 20 години се соочуваме со затварање на истата, така што од надлежните институции бараме безусловно враќање на третата паралелка“, се додава во соопштението.

„Неправдата која ни е направена е класичен пример на етничка дискриминација“, се наведува во соопштението, во кое се истакнува дека поради овие причини сè додека паралелката нема да се врати и неправдата не се исправи, ќе бојкотираат до исполнување на нивните барања.