РАЗДЕЛЕНИ ОРЛОВИ КРИЉА

92

Тути Албанези – тути команданти ! Така било и така ке остане. Дали тие исти команданти на овие локални избори ке си ги ископаат очите. Власта е слатка, бизнисот  мора да функционира, а има и нови ликови кои за власт и позиција се во состојба да играат оро и со црниот ѓавол ако треба. Мерцедесот троши многу гориво. Резервоарот бара бензин а не бајрак. На кого му е гајле за национал-романтизмот повеќе?

 

Пишува Агим ЈОНУЗ

Живееме во време во кое е многу тешко да се биде реален, објективен и да не припаѓаш никаде освен самиот на себе си. Поготово во албанскиот кампус во Македонија. Веќе подолг период е инсталирана фразата ‘‘или си со мене или си против мене‘‘. Да, тоа може да функционира ама кога и каде? Времето на ‘‘сите заедно против некој друг‘‘ е поминато и сега е време да се инсталира памет, писменост, способност и разум.

А, кој да го инсталира тоа!? Секој се бендисал самиот себе си!

Национал-романтизмот е убав се додека е во функција на конструктивност. Кај нас одамна престана да биде конструкција. Се претвори во перфектна комерцијална машинерија во која сите оние кои размислуваат вон клишето се предавници, непријатели и особи на кои им се лепат разни етикети. Тоа е проклетија. Од морална и духовна дисциплина, стана фантастична платформа за политички ‘‘бизнис‘‘!

Колкав е просторот да се игра сеуште на карта на национал романтизам откога времето на ‘‘ сила, куршуми  и мускули‘‘ помина?  Во простор и време во кое албанците во Македонија имаат свој радиус на моќ и влијание, се случува нешто што е сосема ново. Тоа е поделбата на колачот на моќта и влијанието внатре албански. По прецизното прашање би било колку политички партии и се потребни на албанската популација во Македонија?

Гледано од аспект на статистичка бројка, вкупниот број на албанци во Македонија е скоро ист колку што една голема македонска партија може да брои гласови на избори. На пример, народот вели дека ВМРО и магаре да стави на листа, секогаш бројката би била околу 300.000 гласа. Да, ама тој луксуз може да си го дозволи во бројка во која низ цела Македонија сепак има повеќе македонци од албанци.

Албанскиот народ после сите случувања врзани за борбата за свое реално место во државата, продолжи со феноменот ‘‘Тути албанези – тути команданти‘‘! За да се покаже една сериозна квалитетна сила на терен, како никогаш до сега на албанскиот народ му е потребно единство. Што се случува? Се случува хаос и разединување на она исто ткиво кое до вчера мафташе со бајраци заедно.

Арно ама, сега дојде време на ‘‘зошто ти – а не јас‘‘!? Време во кое, за да  бидеш некој и нешто, треба да се заборави дека умре периодот на оние кои по професија беа албанци. Мораме да признаеме дека многу познати ликови и политички профитери по конфликтот одлично го комеријализираа тоа што единствената професија им беше тоа што се ‘‘горди албанци‘‘. Секоја чест и респект. Ама ! Сега и тука се потребни способни, паметни, образовани и пред се конструктивни ликови. А, албанската популација во Македонија има такви. А, што ако има, кога своето место не го гледаат под ова сонце, туку некаде по светските сокаци.

Проблемот е во тоа што овие првите сеуште ја кочат еволуцијата на појава на нови ликови, создавајки политичка мафија која одлучува на кого каде му е местото. Младите албански интелектуалци овој пат имаат проблем не со македонците, туку со самите себе си. Сега е периодот на ‘‘ се јадеме самите себе си‘‘ кога немаме со кој друг.

Многумина мислат дека на албанскиот кампус не и се потребни повеќе од две партии на политичката сцена. Реално, за да има константна политичка сила, единствено заедно може да бидат сериозен столб во заштита и негување на придобивките од рамковниот договор и албанскиот национален идентитет.

На албанската политичка сцена во Македонија, освен по една здрава позиција – опозиција партија се останато е луксуз и гола битка за политички профит. Се останато доведува до прашање дали некој ги штити албанските национални интереси во оваа држава  или сопствениот интерес. Каде е тогаш тој силен национал-романтистички филм, поради кој народот беше и се уште е опседнат и ‘‘со бајракот во раце‘‘?

Најдобар пример е последните избори, но и предстојните локални што се пред нас. Дали албанците се поделија по политичко-идеолошка, или по ‘‘клановска основа‘‘? Политичките кланови немаат никаква врска со национал-романтизмот. Барем не со оној поради кој се пролеа крв и се постигна целта, а тоа е албанците да бидат апсолутно рамноправни во сите сегменти на државата.

Ако политичката разлика во партиите значи различна идеологија тогаш се поставува прашањето колку политички идеологии и се потребни на албанската популација во Македонија. Поделеноста по таква основа, а во апсолутна рамноправност со другите етникуми во Македонија подразбира дека националното единство може да биде полека стопено со македонското. Така се гради ‘‘граѓанско општество‘‘ ама се губи смислата на национал романтистичкото единство во држава која не е ‘‘матична‘‘ на албанскиот идентитет.

Се, ама баш се е гол интерес. Реалноста вели дека Албанија како матична држава на албанците во другите држави има сериозни забелешки кон албанците вон Албанија. Каква национална кауза се игра сега кога секој на секого му вади очи исклучиво по политичко комерцијална основа?

Албанската популација во Македонија создаде кланови наместо национално политичко ткиво. Политиката стана гол пазар наместо поле за заштита на националните интереси. Бајракот и сите елементи на идентитет станаа само декор. Националното единство наместо духовно, стана материјално. Зона на интереси и локална моќ.

Тути Албанези – тути команданти ! Така било и така ке остане. Дали тие исти команданти на овие локални избори ке си ги ископаат очите. Власта е слатка, бизнисот  мора да функционира, а има и нови ликови кои за власт и позиција се во состојба да играат оро и со црниот ѓавол ако треба. Мерцедесот троши многу гориво. Резервоарот бара бензин а не бајрак. На кого му е гајле за национал-романтизмот повеќе?

Народот секогаш бил и ќе остане овца за носење волна. Најстрашното е тоа што од сопствената волна не плете џемпери за себе, туку за политичките ‘‘елити‘‘.

Елити, или политички банди!? Е, мој народе. Кјути! Не заслужуваш подобро со тој акал!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)