ОД НАШИ ЛАЈНА ЌЕРПИЧ НЕ БИДУВА

171

Не е дека нема паметни кандидати за градоначалник, не е дека нема еснафи, не е дека нема луѓе на кои не може да им се верува. Тие ќе донесат проекти, пари, ама не можат да донесат елементарна култура на живеење која ќе донесе амбиент тука, дома, да се осеќаме како во град. А не како во Тунгузија. Кој ќе се препознае во колумнава е апсолутно – негов проблем! Јас не мислев ‘‘баш на него‘‘.  Се колнам! Еве, ‘‘жими нана Нуриша‘‘!

Од Агим ЈОНУЗ

Секој еден сељак што видел некое еуро повеќе мисли дека е газда на оваа страна од Вардар. Не реков селанец. Реков ‘‘ сељак‘‘. Разликата е огромна. Сите ние сме од некое село по потекло. Ама за да бидеш ‘‘сељак‘‘ треба да имаш талент. А на оваа страна од Вардар таленти колку сакаш. Се шампиони. Тоа е оној дел за кој нема ‘‘ ни закон ни сила‘‘ која може да им го промени процесорот во мозокот.

Она што е најстрашно, тие ти диктираат правила на однесување. Аллах, многу ги има!

Во пресрет на локалните избори, да фатиме една тема која нема врска со тоа кој кандидат за градоначалник би бил во Чаир. Зошто се лажеме самите себе си и не признаваме дека ‘‘другата страна на Вардар‘‘ изгледа по организирано и по урбано. А од друга страна, ако некој ми каже дека на таа страна ‘‘нема сељаци‘‘, тоа на друг да му го кажува, не мене. Ама, секој си збори за својата страна, што би рекол народот ‘‘ каде те боли забот, таму ти оди и јазикот‘‘.

Како прво, културата на живеење ‘‘кај нас‘‘ се темели на постара инфраструктура, која со векови е скоро непроменета. Гази Баба, ‘‘Тенеќе Маале‘‘, Серава Маала, Дижонска, и многу други места се многу голем лавиринт за решавање на проблематиката. Урбаните прогреси во овие средини не само што по некои елементи не може да влезе, туку треба темелно да се реконструира.

Јас сум многу стар скопјанец по фамилија. Роден сум точно во срцето на Јаја Паша. Добро ја знам ситуацијата. Еден од најголемите проблеми во тој дел од градот е сообраќајот. Ми се чини никаде на светот да нема калабалак, тука ќе има. Од една страна, Влезот и излезот кон Гази Баба и Серава е сведен на апсолутно тесно грло и нема пристапност.

Немам намера воопшто да објаснувам каков е амбиентот во овие маала. Капак на се, главната улица е место каде што сите мерцедеси на светот тука го тераат својот ‘‘ чалам‘‘ да се види кој е кој. Во Скопје најубавитѕе и најскапите аута парадираат тука. Нај лудите мотори. Се што има да се покаже на четри тркала тука ќе видиш.

Каде е проблемот. Во недисциплината и некултурата. Да! Ние сме некултурни. Еве зашто.

Да им се вратиме на ‘‘ сељаците ‘‘ од почетокот на колумнава. Миграцијата село-град, во минатите дваесетина години направи експанзија. Дојде и Хасан и Масан, кој од планина, кој од ливада, кој од места каде што мечката е ‘‘ домашно животно‘‘. Ама, дојде со голем ‘‘кеш‘‘. Сите оние стари скопски маала ги изгубија своите староседелци кои побегнаа во по урбани и организирани средини. Средината стана ‘‘урбано село‘‘. Се појавија некои локални нови шерифи кои немаат никаква емоција кон средината. А, агресивни, со едно големо прашање кое цело време им е на врвот на носот. ‘‘Знаеш ли ти бе кој сум јас‘‘!!!

Кој си ти бе, алоо, ти си само богат чобан кој видел асфалт. Не знаеме ние у Скопје кој е кој!

На Јаја Паша се направи пешачки мост кој се покажа како идеална платформа за реклами, а од друга страна народот во својата сообраќајна полу писменост воопшто не го употребува. Улицата се прошири во рамки на можноста, а повторно и дури повеќе има застој. Се поставија бетонски блокови за да не се сече пат, пешаците го скокаат како да е некое сакато магаре.

Џунглата наречена Бит Пазаар – Јаја Паша – Чаир – Бутел нема иљач. Не се работи тука за урбан прогрес. Се работи за елементарна некултура на однесување. На проста маса која се води по сообраќајното правило на ‘‘закон на појакиот‘‘ а не попаметниот и по културниот. За да се достигне некаков урбан прогрес, потребно е прво да се дочека една голема еволуција на свеста. А таа бара време. Какво време бараш од чобани кои сакаат преку ноќ да бидат ‘‘градски фраери‘‘? Да! Една огромна маса се фраери, ама не градски. Нејсе, нема врска, и таквите треба да имаат место под сонцето.

Да се вратиме на амбиентот вокој живееме на оваа страна од Вардар и да се прашаме што е тоа што локалната власт може да го направи и да го вети, а нештата да бидат поинакви?

Јас тврдам дека не може ништо уште долго време. За да се смени нешто, како прво треба да се смени свеста на на населението во однос на средината. Ѓубрето, хаосот и нередот го создава самото население. Да се живее во ‘‘ гето‘‘ е избор. Самите луѓе се гетоизираат во еден амбиент во кој сопствените слабости и примитивизам го правдаат со тоа дека некој друг не прави ништо.

А што правиш ти за самиот себе си? Битно е да прошеташ со своето скапо ауто по Чаир, да те видат, да го дигнеш чаламот до небо, а никој да не смее ни да те казни, ни да ти одговори на прашањето ‘‘кој сум јас‘‘. Еве јас ќе ти одговорам! Ти си бостан бе пријателе. Се гледа дека си излегол од село, ама селото сеуште и долго нема да излезе од тебе. И со тебе ли ќе го градам јас Скопје на 21-век ( од ова страна на Вардар)? Па ти ме враќаш назад бе друже!

Сакам да потенцирам уште еднаш дека тука јас не зборувам за селани кои се преселиле во градот. Зборувам за ‘‘ сељаци‘‘. Кој ке се препознае во текстов е негов проблем. А ако ме праша некој како јас си дозволувам вака да зборам и на тоа имам одговор.

Не може никој да ме убеди дека  постои градоначалник на оваа страна кој може да донесе било каков нов, модерен и урбан амбиент. Оваа страна била, сеуште е, и ќе биде гетоизирана. Ама, кој е крив за тоа, најлесно е да се каже ‘‘ Фиљан-Фисник‘‘ или ‘‘ каурите‘‘! Тоа е линија на помал отпор и прашање за научниците кои се бават со социолошки проблеми.

Јас тука воопшто не ги посочувам албанците како народ. Да сме на чисто. Ова е мешана средина, а истовремено зборот ‘‘сељак‘‘, ‘‘примитивец‘‘ нема ни вера ни нација. Исто како криминалецот. Тој нема ‘‘ ни дин ни иман‘‘! Сељак си е сељак!

Некој ке рече ‘‘ фукаралукот‘‘ си го прави своето. Не! Децидно не! Ако си фукара, не значи дека не можеш да се грижиш за урбаната хигиена, да го почитуваш сообраќајот, да не си агресивен, да се однесуваш по културно и кон себе и кон другите.

Дедо ми рахметли велеше ‘‘ од нашите гомна не бидува ќерпич‘‘! И беше во право. Оваа страна на Вардар уште долго ќе биде гето, а на само просечни 500 метри воздушна линија од строгиот центар на Скопје. Мене ми е жал, што кога шетам по таа страна на Вардар се осеќам ‘‘ како во град‘‘, и кога се враќам назад, освен дека сум ‘‘дома‘‘, не знам кај сум!

Не е дека нема паметни кандидати за градоначалник, не е дека нема еснафи, не е дека нема луѓе на кои не може да им се верува. Тие ќе донесат проекти, пари, ама не можат да донесат елементарна култура на живеење која ќе донесе амбиент тука, дома, да се осеќаме како во град. А не како во Тунгузија.

Кој ке се препознае во колумнава е апсолутно – негов проблем! Јас не мислев ‘‘баш на него‘‘.

Се колнам! Еве, ‘‘жими нана Нуриша‘‘!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)