Трамп не е доволно богат за листата 400 најбогати во САД на Forbes

2

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп повеќе не е доволно богат за деловнот магазин Forbes да го вброи во листата со 400-те најбогати Американци.

Се проценува дека во моментов капиталот на Трамп изнесува околу 2,5 милијарди долари, што го остава за 400 милиони долари под границата за годинешнава листа, извести во вторникот магазинот.

Минатата 2020 година Трамп беше на 339-то место на оваа листа, но Forbes наведува дека оваа година не влегол меѓу 400-те, бидејќи неговото богатство се намалило за 600 милиони долари од почетокот на пандмијата на коронавирусот.

Според Forbes, технолошките акции, криптовалутите и другите капитали доживеале подем во време на пандемијата на Covid-19.

„Меѓутоа, недвижнините во големите градови, кои го сочинуваат главниот удел во богатството на Трамп, не цутеа исфрлувајќи го поранешниот претседател од најексклузивниот национален клуб“, пишува магазинот.

Трамп на оваа листа беше вброен секоја година од 1996 година, започнувајќи од 368-то место. Од 1997 до 2016 година, кога беше избран за претседател, се наоѓаше во горната половина на листата. Неговиот пад, меѓутоа, започна во 2016 година, а од тогаш Трамп почна да назадува на листата, пред и сега да испадне од неа.

Според процените, богатството на Трамп било најголемо во предизборната 2015 година, кога Forbes го процени на 4,5 милијарди долари. Следната 2016-та веќе неговите вкупни сопствености беа проценети на 3,7 милијарди долари, а од 2017 до 2019 година изнесувале 3,1 милијарди долари.

Трамп повеќепати изјавуваше дека тоа што беше претседател го чинело милијарди долари. Тој во текот на претседателскиот мандат управувањето со својот корпоративен конгломерат го предаде на своите синови, но компаниите останаа во негова сопственост и трпеа рефлексија од неговата должност.