Олаф Шолц чека зелено светло за „семафор-коалицијата“

5

Социјалдемократите на Олаф Шолц победија на германските избори, но допрва ги очекува тешка задача при разговорите за формирање на коалиција каква што досега не е забележана во повоена Германија, со двете помали партии – зелените и либералите, пишува „Фајненшл тајмс“.

Пречките за постигнување на договор остануваат големи, бидејќи ФДП (либералите) се ориентирани кон слободниот пазар и бизнисот со заложба за намалување на даноците и намалување на вклученоста на државата во економијата, додека Социјалдемократската партија (СПД) и зелените сакаат да ја искористат моќта на државата за модернизација на Германија и за постигнување на јаглеродна неутралност до 2045 година.

– ФДП сега се соочува со најголемиот предизвик, за тоа како ќе се позиционира помеѓу двете парламентарни групи – СПД и зелените – истакна Јулија Клекнер, заменичка во ЦДУ на Меркел.

Се смета дека од полза на Шолц во разговорите ќе му бидат искуството од извршувањето на функцијата на министер за финансии од 2018 година, како и способностите за преговарање. Партиите кои преговараат за коалиција остануваат оптимистички расположени за можното постигнување на договор. А со ваквата можност се соочи и лидерот на ЦСУ и премиерот на германската сојузна покраина Баварија, Маркус Седер, кој порача дека „семафорот доаѓа“.

Доколку преговорите за т.н. семафор-коалиција бида успешни, ќе биде означен јасен крај на ерата на Ангела Меркел која е во заминување од канцеларската функција. На тој начин канцеларската позиција ќе премине од коалицијата помеѓу Демохристијанскиот сојуз и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ-ЦСУ) кон социјалдемократите првпат по 16 години.