Прајс: Клучно е вратите на ЕУ да останат отворени за Западен Балкан

4

Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, на својот профил на Твитер ја поздрави изјавата на ЕУ за Западен Балкан по Самитот во Брдо кај Крањ.

„Ја поздравуваме изјавата на ЕУ за Западен Балкан. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија продолжуваат да ја покажуваат својата посветеност кон реформите. Клучно е вратите на ЕУ да останат отворени за нив”, наведе портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

ЕУ одново ја потврдува својата безрезервна поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан на таа европска перспектива, која е во наш взаемен стратегиски интерес и останува наш заеднички стратегиски избор, се наведува во Декларација од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија.

„Ќе ја зајакнеме уште повеќе нашата заедничка заложба да се унапреди политичката, економска и социјална трансформација на регионот, признавајќи го истовремено напредокот што го постигнал Западниот Балкан. Потсетуваме, исто така, дека е важно ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членки“, се наведува во документот.