Изборно оро за крокодили и аскери

150

Како ке биде во албанските средини и општини каде што нема македонски против кандидати? Е, таму ќе биде весело, затоа што аскерите уште од сега испукаа по еден рафал во воздух.  Во Чаир ке биде највесело, затоа што тој што ќе ја контролира таа општина, фактички ќе ја контролира левата страна на Вардар! Тоа е империја! Фигуративно, од камениот мост на оваа страна кој контролира, – пола Скопје е негово!

Од Агим ЈОНУЗ

Тој што ќе ме убеди дека Албанците од Албанија нас ‘‘ептен не сакаат‘‘, ќе го носам на ќебапчиња кај Осман у Чаир. Исто важи и за Косоварите. Зошто оваков почеток на муабетот? Еве зошто. Откога  екстазата наречена ‘‘балканско етничко прашање за албанците‘‘ почна да губи на интензитет, албанската популација сепак остана сегментирана во неколку држави и оставена да се занимава самa со себе продавајки патриотизам. Секој во свое ‘‘маало‘‘! Ако де, барем имаат со што да се занимаваат за да не го гледаат фукаралукот.

За истите луѓе на кои ‘‘до вчера‘‘ им се подсмевавме што дома немаат бојлер за топла вода, денеска сме ‘‘ Талибанци‘‘, кои освен да градат џамии и минариња, не знаат ништо друго. Така барем викаат тие. Кој не сака да го признае тоа, има проблем со реалната оптика на секојдневието. Нејсе, не е тоа тема на колумната. Поентата ми е прашањето каде сме и што сме во овој момент. Да видиме ‘‘која чорапа на која нога оди‘‘!

Во овој момент сме останати да се бавиме самите со себе си. А, знаеме ли барем да се бавиме самите со себе си? Да, знаеме, а посебно знаеме како да си вадиме очи едни на други. И да ми простите на изразот, ‘‘да си ги мериме‘‘, како магарињата. И тоа е спорт де!

Се е во парите, привилегиите и контролата на теренот. Да не е така, нема да има како што велат Београдските мафијаши ‘‘ мала бара много крокодила‘‘. Дали албанските политички партии се сами по себе ‘‘крокодили‘‘? Јас нема да одговорам, дадете си одговор самите. Ама, ако се лажете себе си, барем немој други да лажете. На Бит Пазар има евтини огледала, купите, погледајте се во него и кажете ја вистината!

Ајде бујрум, еве избори! Како на деца кога ќе им дадеш топка да си играат!

Една работа е сигурна. Политичките партии ( крокодили) имаат свои ‘‘аскери‘‘ не само за избори, туку за се она што ‘‘ демократски‘‘ не може да се решава на терен. Не се проблем обичните граѓани кои ке дојдат да гласаат на изборите, ‘‘завалиите‘ тие секогаш ја кркаат попарата што крокодилите им ја дробат, туку спремноста на аскерите да направат многу ‘‘мајмунлаци‘‘ во интерес на победа на нивната партија.

Дали на некоја од избирачките места ке гледаме ‘‘ свадба‘‘? Ако не свадба барем некоја мала  ‘‘К‘на геџе‘‘? Сите опции се отворени. Податокот дека аскерите пукаат во воздух на митинзите е всушност ‘‘ сељам‘‘ до противничките табори. А, богами сите табори имаат по едно ‘‘чифте‘‘ у чакширите. Па сега, се поставува прашањето на избориве кој чакшир ке испадне ‘‘ по ербап‘‘.

Преголеми се парите кои се вртат во бизнисите за да некој се откаже од борбата за власт. Има многу проекти во кои сеуште не е земен целиот ‘‘тал‘‘, проекти кои се во најава, а богами и сталните извори на лесни пари по општинските кулоари. Ниту политика, ниту било каква поинаква приказна некого го интересира. Власт! Моќ! Контрола на теренот. Исто како во фудбалот, кој ја контролира средината на теренот, ги контролира и двата гола.

Да им се вратиме на крокодилите во нашето секојдневие и да видиме каква е ситуацијата. Од Вардар наваму не се знае ни кој гради, ни што гради, ни кој кому есап дава, ни дали уопште му дава! Евентуалната смена на власта подразбира дека новата постава која евентуално би дошла, треба да смени тектонски некои релации кои функционираат. Дали сите тие бизнисмени ке треба од ново да доаѓаат у општина да бацуваат рака?

Се е интерес! Се! Се е гола желба за некое евро повише. Кого го заболе газот дали улиците по Тенеќе маале пливаат во вода кога врне дожд? Па не бидете будали бе! Делот на ‘‘фукарата‘‘ ќе верува во ветувањата дека после избори се ќе биде како што треба, а дел од друга страна баш на сметка на таа фукара дели упаљачи, маици и тефтери на кои идниот градоначалник се смешка како да е на татко му вилаетот.Се е далавера! Политика бе! Арно ама, веќе се појавува еден нов феномен. Албанската популација во Македонија последните години почна да создава еден феномен, а тоа е градење на некаква ‘‘ елита‘‘ која секогаш мора да биде на врвот. Има ли Македонија албанска елита и како таа изгледа? Што е тоа ‘‘елита‘‘ во смисла што треба да исполнуваш за да те сметаат за ‘‘елита‘‘.

Една огромна маса на анонимуси преку ноќ направи големи пари. Создаде околу себе слика дека успешноста која ја носат се должи на нивната способност, памет, а башка дека се луѓе кои цел живот не можеле затоа што некој не им давал. Алоо, кој направи богатства ‘‘ од плата‘‘!? Најголемиот дел од нив се криминогени елементи. А тие секогаш сакаат да бидат на врвот. Да бидат во клубот на ‘‘елитата‘‘!

Е па сега,  ако земеме во предвид дека таквите сакаат да ја контролираат и власта, можеме да замислиме колку се спремни на се и сешто само да го имаат тоа во раце. Но, тие седат на страна затоа што наместо нив, ‘‘аскерите‘‘ се тука да завршат работа. Што е крокодил а што е аскер. Крокодилите се веќе оформени бизнисмени кои спонзорираат и ги влечат конците од страна. Диригираат со многу ‘‘ демократско изгласани одлуки‘‘ во општините и пошироко. Обично, тоа се ‘‘најчесните‘‘ ефендии кои се смешкаат по улица или по дернеци и важат за угледни граѓани. Иако за жал многумина не знаат исправно ни да врзат кравата, па некој друг им ја врзува обично. Елита бе! Што знаете бе вие што е елита!

Аскерите се обично бивши клошари и ‘‘никој и ништо‘‘ кои себе си се виделе во потребата на крокодилите да имаат војска. Спремни се на се, затоа што тоа им е единстваната шанса да излезат од лавиринтот на анонимноста и улицата. Обично се евтини момци кои немаат избор, освен да бидат ‘‘аскери‘‘. Се додека некој ‘‘не дигне глава‘‘, ама тогаш крокодилите им сечат уши за да знаат каде им е местото. Задоволни се со тоа што се ‘‘ во друштвото‘‘ на крокодилите и со ситни привилегии во кои понекогаш сметаат дека се ‘‘некој и нешто‘‘. Не! Биле и останале клошари! Тоа што ја смениле гардеробата не гарантира дека научиле дека за да бидеш ‘‘ некој и нешто‘‘ најмалку се потребни пари, чалам, скапа кола и ‘‘серт поглед‘‘.

И, како викаат Белградските фраери  ‘‘ мала бара много крокодила‘‘! Кој крокодил ке се смее најслатко на овие избори? Па, најверојатно оној на кого нема да му бидат ‘‘заебани‘‘ математиките. Тоа важи за цела Македонија. Многу крокодили, а уште повеќе ‘‘ аскери‘‘!

Како ке биде во албанските средини и општини каде што нема македонски против кандидати? Е, таму ќе биде весело, затоа што аскерите уште од сега испукаа по еден рафал во воздух.  Во Чаир ке биде највесело, затоа што тој што ќе ја контролира таа општина, фактички ќе ја контролира левата страна на Вардар! Тоа е империја! Фигуративно, од камениот мост на оваа страна кој контролира, – пола Скопје е негово!

‘‘Аллахијлен‘‘ многу сум сигурен дека ке има циркуси, ама не знам колкави. И какви циркуси. Ало, ‘‘дебели есапи‘‘ се во прашање! На кои крокодили и аскери зурлите и тапаните на 18-ти Октомври ке им свират на уво ‘‘пајдушко‘‘? Ќе биде весело.

Изборите ни се еве, пред носот! Аллахијлен,.. Аллахијлен!…. тури чајот да гледаме сеир!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)