Филипче: Не очекуваме силен бран, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни

12

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не се очекува нов силен бран на ковид-19, но не треба да се опуштиме. Тој го потенцира фактот дека вакцинацијата игра голем удел, што се покажа и во изминатиот период, кога во градовите каде што има висок процент на имунизирани граѓани немаше притисок врз болниците.

„Навистина е тешко да се каже, овој бран беше силен и имаше голем број на новодијагностицирани и пациенти на кои им беше потребно болничко лекување само во градовите каде што е низок опфатот со вакцинација, а во градовите каде што беше повисок немаше метежи во болниците. Сега на територија на државата е пораснат опфатот со вакцинација, сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни и да ја следиме состојбата. Очигледно е дека вакцинацијата го прави своето, очигледно е дека има ефект, тоа е докажано. Во овие градови со висок опфат болниците воопшто не се преоптоварија. И доколку се заразат вакцинирани лица, тоа ќе биде со полесна форма на болеста и тоа е нешто што е случај и во другите земји каде што прилично е висок опфатот со вакцинација. Да резимирам, не очекуваме силен бран односно притисок во болниците, но ние сме спремни да се прифатат пациентите во кој било град“,изјави Филипче.

Во моментов барем со прва доза вакцинирани се околу 790 000 граѓани, од кои 750 000 се и ревакцинирани, а околу илјада граѓани примиле и трета доза.

Ваквите бројки, посочува Филипче, упатуваат на тоа дека 45 отсто од полнолетното население во државата е вакцинирани, додека ако се земе предвид целокупната популација тогаш опфатот е околу 38 отсто.

Меѓутоа, тоа е далеку од посакуваното ниво од 90 отсто вакцинирани. Здравствените власти велат за зголемување на интересот во план остануваат кампањите, а исто така ќе се воведе и најавената мерка за влез во затворено да бидат потребни две дози наместо една, како што е случај сега.

„Во однос на мерката ќе дискутираме на следниот состанок на Централниот штаб во Владата, кој ќе се одржи следниот понеделник. Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, веројатно ќе оставиме уште една или две дополнителни недели со оглед на тоа што веќе е најавено за да почне да важи препораката во сите затворени места, наместо со една да биде потребен сертификат со две дози на примени вакцини“,изјави Филипче.

Кога станува збор за задолжителната вакцинација, барем во одредени сектори, како што воведоа некои земји, министерот вели дека засега не се размислува за тоа, но ништо не е исклучено.