Зимскиот распуст во Србија нема да биде продолжен

0

Како што дознава Блиц, на наредната седница на Кризниот штаб на Србија, дневен ред е темата – распуст, со прецизирање на датумите за негово почнување и завршување.

Дилеми веќе нема. Зимскиот распуст во Србија нема да биде продолжен. Како што сега стојат работите, зимскиот распуст на учениците почнува на 31. декември и трае до 23-ти јануари.

Иако наставата, но и училишните одмори прилично ги диктираат бројките на заразени, изворот на Блиц наведува дека е извесно оти нема да има продолжување на распустот. Дури и бројките да останат високи, распустот ќе трае регуларно.

Следната седница на Кризниот штаб на која треба да бидат објавени термините за распустот, сè уште не е закажана. Речиси е сигурно дека ќе се одржи во наредните петнаесетина дена.

Работната група продолжува да се состанува секој петок, таа го анализира бројот на пациенти во училиштата и општините, а потоа врз основа на неколку параметри кои се следат донесува одлуки за наставниот модел што ќе се применува. Главна цел е децата да одат на училиште и што повеќе да бидат во класична настава, односно во училишни клупи. Оттука, се избегнува продолжување на распустот дури и ако бројките се високи.