Задача на медиумите е да произведуваат вести! За ваквиот производ, тие добиваат пари од нивните спонзори. Преку програми се мери посетеноста на медиумот и атрактивноста на информациите што се пласираат. Така, во зависност од тоа колку луѓе кликнале на информацијата и колку време се задржале, медиумот ги убедува спонзорите да се рекламираат кај него и да биде повеќе платен.
Медиумите кои сакаат да заработат „лесни“ пари, обично немаат редакции со професионални новинари кои ќе продуцираат информации важни за јавноста. Во ваков случај, едно или неколку лица, прават плен од своите читатели и ги користат како „црвец“ на која треба да се закачи голема риба!
Ставаат провокативен, најчесто сензационалистички наслов кој е првата мамка. Фотографијата е редовно „украдена“ и не се испочитувани авторските права. Веста е долга а во првите неколку пасуси нема никаква информација за веста што стои во насловот. Така останувате подолго на тој медиум, тој добива на време пред неговите спонзори, а вие ја барате информацијата заради која сте кликнале. Читателот се замајува со веќе познати и најчесто непотребни информации.
На крај, во вид на претпоставка, без докази и извори, се дава сомневање кое е дадено како вест во насловот. Во ваков случај вие сте лесен плен на медиумот кој заработува додека вие го трошите вашето време! Доколку сакате да го казните, едноставно е – следен пат не отварајте! Колку помалку кликови, толку помалку пари од спонзорите, а со тоа и помалку излажана публика!
Ова видео е дел од проектот “Дезинфо лаб” што е овозможен од Програмата #SustainMedia, кофинансирана од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој. Нејзината содржина е единствена одговорност на „Коха“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ или на Федералното Министерство за економска соработка и развој.